Партијата на поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, е на пат кон убедлива победа на парламентарните избори, покажуваат првичните излезни анкети.
Според податоците од агенцијата Alpha Research, неговата нова политичка формација „Прогресивна Бугарија“ освоила околу 37,5% од гласовите, значително пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која добила околу 16,2%.
И покрај убедливата предност, Радев најверојатно ќе мора да бара коалициски партнери за да формира влада, што повторно ја отвора неизвесноста во политичкиот систем на земјата.
Ова се уште едни во низа предвремени избори во Бугарија, осми во последните пет години што укажува на длабока политичка нестабилност и незадоволство кај граѓаните.
Радев, поранешен пилот и претседател со изразено критички ставови кон дел од политиките на Европската унија, во кампањата вети борба против корупцијата и стабилизирање на институциите. Воедно, тој се залага за обновување на односите со Русија, што предизвика реакции кај неговите политички противници.
Сепак, без јасно парламентарно мнозинство, идната влада ќе зависи од сложени преговори – сценарио кое веќе стана правило во бугарската политика.