На почетокот на самитот на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО кој се одржува во Хелсинборг, Шведска, првиот американски дипломат Марко Рубио изрази, како што кажа, разочарување од Алијансата.
„Не мислам дека некој е изненаден што Соединетите Американски Држави, а особено претседателот, во моментов се многу разочарани од НАТО и од тоа што таа организација значи.“
Како една причина, Рубио ја наведе одбивноста на земји како Шпанија да ѝ дозволат на американската армија да ги користи нивните бази за напади врз Иран. Членството во една организација мора да има вредност за САД. Клучна вредност се базите во Европа, затоа што тие им овозможуваат на САД да проектираат воена моќ во случај на криза. Доколку се одбие користење на базите, тогаш се поставува прашањето зошто воопшто се членува во НАТО, рече Рубио.
Тој повторно се пожали и на недоволната поддршка од другите членки на НАТО во војната со Иран. Претседателот Доналд Трамп не бара „да ги испратат своите борбени авиони“, изјави Рубио. „Но тие одбиваат воопшто да направат нешто“, критикуваше тој. „Ние сме многу вознемирени поради тоа.“
На средбата во Шведска учествува и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул. Пред поаѓањето тој јасно стави до знаење дека Германија, во контекст на поголемата улога на Европа во НАТО, се гледа себеси во „водечка позиција“. Целта е „нова распределба на товарот, која ќе одговара на економскиот и воениот потенцијал на Германија и Европа“.
Покрај улогата на Европа и самитот на НАТО во Анкара, на состанокот во Хелсингборг, меѓу другото, ќе се разговара и за поддршката за Украина, како и за проширувањето на капацитетите за вооружување.