Романските поморски сили продолжија со контролирани експлозии во каналот Бала на Дунав за да го зголемат протокот на вода до нуклеарната централа Чернавода.
Експлозиите се користат за насочување на водата од дел од Дунав кон старото корито, со цел да се подигне нивото на водата потребно за работа на нуклеарната централа Чернавода.
Романската компанија за производство на електрична енергија и топлина, како и нуклеарно гориво, „Нуклеарелектрика“, во меѓувреме, објави дека почнала да увезува електрична енергија од Украина за да го надомести недостигот што произлезе од затворањето на реакторот во нуклеарната централа.
Компанијата изјави дека увозот на електрична енергија е дел од мерките за одржување на стабилноста на електроенергетскиот систем во услови на намалено производство во нуклеарната централа поради екстремно ниските нивоа на водата во Дунав.
Романија прогласи вонредна состојба во август поради пад на производството на електрична енергија.
Причината е рекордно ниското ниво на водата на Дунав, што доведе до затворање на еден реактор во нуклеарната централа Чернавода, изјави претходно премиерот Илије Болоѓан.
Освен во Романија, ниското ниво на водата на Дунав предизвика проблеми и во работата на унгарската нуклеарна централа, бидејќи нема доволно вода за ладење на реакторите.
Директорот на Институтот за нуклеарни науки Винча, Славко Димовиќ, за РТС изјави дека нема простор за страв и паника , но дека оваа ситуација покажува потреба од преминување на затворени системи за ладење.