Родителите на загинатите во „Пулс“ ја напуштија судницата: „Одговорноста не смее да се изгуби во процедурите“

Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ ја напуштија судницата во „Идризово“ откако одбраната побара изземање на обвинителката Наташа Сарамандова.

Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска во знак на револт ја напуштија судницата во КПУ „Идризово“, откако адвокатите на обвинетите побараа изземање на јавната обвинителка Наташа Сарамандова.

Адвокатите на обвинетите во случајот „Пулс“ на денешното рочиште до Судот поднесоа барање за изземање на Сарамандова, поради, како што наведоа, пристрасно постапување при презентација на доказите и исклучување елементи од доказите кои, според нив, се од суштинско значење.

По барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Родителите револтирани од барањето на одбраната

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, во изјава за медиумите пред судницата во „Идризово“ рече дека се создава впечаток оти колку повеќе се отвораат доказите и се објаснува нивната содржина, толку повеќе фокусот се префрла од суштината кон процедурата.

„Впечатокот е дека постои силна борба Обвинителството целосно да не ѝ објасни на јавноста што значат документите и што треба да покажат за начинот на кој функционирал објектот пред трагедијата. Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар отколку на потрага кон вистината“, рече Наунов.

Тој додаде дека родителите на загинатите бараат доказите да се изведат до крај, јавноста да ја слушне целата слика, а одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите.

„Тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена“

Револт поради барањето на одбраната за изземање на обвинителката Сарамандова изразија и други родители.

Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, изјави дека родителите имаат доверба во обвинителката Сарамандова и во обвинителскиот тим.

„Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка заедно со обвинителот Дарко. Тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас родителите и за целата јавност, за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Наташа Сарамандова, јас мислам дека не треба ни да постои судење. Верувам дека државниот обвинител Ненад Савески нема да ја изземе нашата обвинителка Наташа Сарамандова и дека ние ќе имаме мотив за да бидеме присутни на рочиштата“, изјави Златкова.

Рочиштето продолжува со друг јавен обвинител

По поднесеното барање за изземање, денешното рочиште продолжува со изведување материјални докази од страна на друг јавен обвинител.

Одбраната тврди дека обвинителката Сарамандова постапувала пристрасно при презентацијата на доказите, додека родителите на загинатите сметаат дека со ваквите барања се оддалечува фокусот од суштинските прашања за одговорноста.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува во импровизираната судница во затворот „Идризово“, каде Обвинителството во изминатите рочишта презентираше материјални докази поврзани со објектот, инспекциските надзори, обезбедувањето и институционалните постапувања пред трагедијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс