Родителите на загинатите во „Пулс“ по пресудата за полицајците: Ова не е правда, ова е формалност

Родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ реагираат на условните казни за тројцата полицајци од Кочани, оценувајќи дека тоа не е правда, туку формалност.

Родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ реагираа по пресудата со која тројца полицајци од Кочани беа прогласени за виновни и добија условни казни.

Кире Богатинов и Горан Лазаров добија условна казна затвор од по една година, додека командирот на ПС Кочани, Александар Темелков, доби условна казна затвор од две години. Тоа значи дека обвинетите нема да одат во затвор доколку не сторат ново кривично дело во определениот период.

Од здружението „16 Март“ оценија дека ваквата пресуда е минимизирање на одговорноста и јасен сигнал дека системот се штити себеси наместо да се соочи со сопствените пропусти.

„За злоупотреба на службена должност, законот предвидува до 10 години затвор, а денес имаме условни казни – и тоа за утврдена злоупотреба во систем што со години дозволувал незаконитости, чие непостапување создало услови за трагедија со 63 изгубени животи и над 200 повредени“, стои во реакцијата.

Од здружението посочуваат дека постои драстичен несразмер меѓу утврдената вина и последиците од трагедијата.

„Законот предвидува затвор, а во конкретниот случај, и покрај утврдената вина, изречена е условна казна, без ефективен затвор. Овој драстичен несразмер меѓу вина и последици не е случаен – тоа е минимизирање на одговорноста и јасен сигнал дека системот се штити сам себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти“, реагираат од „16 Март“.

Тие порачуваат дека оваа пресуда не ја доживуваат како правда.

„Ова не е правда. Ова е формалност“, се наведува во објавата.

Од здружението очекуваат повисоките судови да ја преиспитаат пресудата и да обезбедат одговорност што, како што велат, ќе биде во согласност со тежината на последиците.

„Нема да молчиме и нема да прифатиме ваква ‘правда’. Бараме одговорност без компромис – за сите што со своето постапување или непостапување придонеле до вакви последици. Без тоа – правдата останува само збор“, стои во реакцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни