Регулаторната комисија за енергетика размислува за промени во тарифниот систем, со цел граѓаните да плаќаат пониски сметки и потрошувачката на струја подобро да се усогласи со новите услови на енергетскиот пазар.
Една од опциите што се разгледуваат е проширување на периодот на евтина тарифа, па дури и нејзино воведување во сабота.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА изјави дека блок тарифите биле воведени во екот на енергетската криза во 2022 година, но оттогаш состојбите во енергетскиот сектор значително се промениле.
„Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија. Сметаме дека има простор за ревизија на блок тарифите и нивно прилагодување на новите трендови во производството на електрична енергија од обновливи извори“, вели Ристов.
Евтина струја во периодот кога има вишок енергија
Според Ристов, растот на производството од сончеви и ветерни електрани создава нови предизвици во системот.
Најголем дел од електричната енергија од обновливи извори се произведува во текот на денот, кога на берзите цените често се многу ниски или дури достигнуваат нула.
Првичните анализи на РКЕ покажуваат дека во периодот од 11 до 15 часот има вишок електрична енергија. Токму во тој период, според Комисијата, би можело да се понуди поевтина струја за домаќинствата.
Истовремено, можно е да се преиспита и сегашниот концепт на ноќна евтина тарифа.
РКЕ: Евтината тарифа навечер станува економски нелогична
Ристов посочува дека денешните пазарни услови се различни од оние кога бил поставен сегашниот тарифен модел.
„Најскапата електрична енергија на пазарот денес е меѓу 21 и 24 часот, а токму тогаш кај нас важи евтината тарифа. Тоа е економски нелогично и покажува дека треба да се приспособиме на новите услови на пазарот“, нагласува Ристов.
Според него, целта не е само намалување на трошоците за граѓаните, туку и создавање подобри услови за инвестирање во обновливи извори на енергија.
Нови навики за потрошувачка на струја
Доколку продолжи трендот на екстремно ниски берзански цени во текот на денот, тоа може да ги обесхрабри инвеститорите и да го забави развојот на зелената енергија, предупредува Ристов.
Тој смета дека енергетскиот сектор влегува во период на големи промени, поради што ќе биде неопходно да се менуваат и навиките за потрошувачка на електрична енергија.
Идејата е системот поефикасно да се прилагоди на зголеменото производство од сонце и ветер, а граѓаните да имаат можност да ја користат струјата поевтино во периоди кога има најголемо производство и најниски пазарни цени.