„Мој Термин“ две години работел без одржување, лекар закажал 198 операции без датум

Ревизорите утврдија децентрализиран хаос каде една фирма добила 181 тендер, лозинките се без заштита, а термините служат за прескокнување ред.

Државниот завод за ревизија утврди сериозни системски пропусти во функционирањето на националниот систем „Мој Термин“, кој во периодот од 2021 до 2026 година дури 737 дена функционирал без важечки договор за превентивно и адаптивно одржување. Конечниот извештај на ревизорите открива дека државното здравство се потпира на застарена опрема, додека листите на чекање за хируршки интервенции се манипулираат со упати без термин, оставајќи илјадници пациенти во неизвесност.

Во периодот од 2021 до 2026 година, од вкупно 1.945 дена, системот „Мој Термин“ поминал дури 737 дена без активен договор за превентивно и адаптивно одржување. Ова значи дека дигиталниот столб на македонското здравство речиси 38 отсто од времето функционирал без правно регулирана техничка заштита од државата.

Министерството за здравство дури кон крајот на 2025 година, цели десет месеци по истекот на претходниот договор, распишало јавна набавка која подоцна била поништена. За да се избегне целосен колапс, институциите прибегнале кон договори за донација со истиот економски оператор кој со години го одржува софтверот. Ваквите тримесечни донации само го потврдуваат отсуството на планско управување со систем што обработува здравствени досиеја на сите граѓани.

Промоцијата на јавниот портал за елективни хируршки интервенции откри драстични аномалии во начинот на кој се водат листите на чекање. Ревизијата евидентираше случај каде кај само еден специјалист биле закажани дури 198 операции без воопшто да биде внесен датум за интервенцијата.

Оваа системска дупка овозможува бесконечно одолговлекување и создава простор за селективност. Истовремено, анализата покажа дека Градската општа болница „8 Септември“, иако претставува еден од најоптоварените хируршки центри во Скопје, воопшто не ги евидентирала оперативните зафати во „Мој Термин“. Пациентите со месеци чекаат редовен термин, додека практиката на издавање приоритетни упати се користи како параван за заобиколување на редот.

Финансиската анализа на ДЗР открива фрапантна децентрализација и пазарна концентрација при набавките на болнички софтвер. Од вкупно 333 милиони денари потрошени за здравствени информациски системи во период од пет години, само 7,5 отсто завршиле за централниот систем „Мој Термин“. Останатите 92,5 проценти од јавните пари биле расцепкани по поединечни јавни здравствени установи.

Во такви услови, еден економски оператор успеал да склучи дури 181 договор со 33 здравствени домови и болници низ 18 градови. Ревизорите отворено предупредуваат дека ваквата долгорочна зависност од една фирма создава сериозен ризик од нарушување на конкуренцијата и злоупотреба на доминантна позиција на пазарот.

Информациската безбедност на здравствените бази е на критично ниско ниво. ДЗР утврди дека лекарите и медицинскиот персонал сè уште користат лозинки со минимална комплексност од само осум карактери, без задолжителна двофакторска автентикација и без обврска за нивна периодична промена. Дел од здравствените работници се најавуваат со приватни имејл адреси.

Контролата врз лицата со највисоки привилегии речиси не постои. На ревизорскиот тим му биле потребни цели четири месеци чекање за да добие увид во системските логови за активностите на супер-администраторите, и тоа само за временски интервал од шест дена. Системот бележи и технички хаос: во јануари 2026 година, поради софтверски пропуст во приватна здравствена установа, за помалку од 24 часа биле евидентирани преку 101 илјада лажни рецепти за антибиотици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс