Македонскиот пазар на труд се соочува со изразен парадокс: компаниите пријавуваат рекорден број непополнети позиции, додека истовремено десетици илјади граѓани се регистрирани како активни баратели на работа. Податоците укажуваат на сериозно несовпаѓање меѓу понудата и побарувачката на работна сила.
Во второто тримесечје од 2026 година во земјава биле регистрирани 10.697 слободни работни места, додека бројот на пополнети работни позиции изнесувал 483.171. Стапката на слободни работни места достигнала 2,17 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Најмногу работници недостигаат во услужните дејности и продажбата, каде што биле евидентирани 2.980 слободни позиции. Овие занимања опфаќаат продавачи, келнери, готвачи, услужен персонал и други работници што се во непосреден контакт со потрошувачите.
Највисока стапка на непополнети позиции, од 6,23 отсто, имало во секторот за сместување и послужување храна. Најниска стапка, од 0,38 отсто, била регистрирана во снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Најголема потреба од нови работници имале компаниите со 10 до 49 вработени, кај кои стапката на слободни работни места достигнала 3,20 отсто.
Наспроти рекордната побарувачка, во јуни во Агенцијата за вработување биле евидентирани 88.541 активни баратели на работа. Тоа значи дека бројот на регистрирани невработени е повеќекратно повисок од бројот на слободни позиции. МКДенес
Овие бројки укажуваат дека проблемот не е само во недостигот од работна сила, туку и во несоодветноста меѓу квалификациите на невработените и потребите на работодавачите. Влијание имаат и регионалната распределба на работните места, висината на платите, условите за работа и иселувањето на работоспособното население.
Иако бројот на активното население во второто тримесечје се зголемил за 0,8 отсто во споредба со истиот период минатата година, бројот на невработени се намалил за 1,5 отсто. Сепак, рекордните 10.697 непополнети позиции покажуваат дека домашниот пазар на труд сè потешко ги поврзува расположливите работници со потребите на компаниите