Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека семејното насилство, поради кое негов телохранител е во 8-дневен притвор, претставува „мал престап“.
Нивната изјава ја прнесеуваме во целост:
„Го потсетуваме премиерот дека повеќе од две децении, односно од 2004 година, семејното насилство во македонското законодавство се третира како кривично дело со сериозни последици, а не како прекршок со намалена тежина.
Само од почетокот на оваа година, како последица на семејно насилство, животот го загубија четири жени и едно девојче. Според официјалните податоци на МВР, 2025 година бележи рекордно висок број пријавени случаи, со просек од околу 19 пријави дневно. Ова не е нова појава, туку резултат на долгогодишно институционално потценување и недоволна заштита, поради што голем број жртви не пријавувале, а институциите не реагирале навремено и соодветно.
Дури по трагичниот настан од 02.03.2026 година, кога жена со своето малолетно дете загина по скок од зграда како последица на семејно насилство, започна посериозно институционално и општествено отворање на прашањето за функционирањето на системот. Тогаш и самиот премиер упати јавен повик жртвите да пријавуваат насилство и да не ги повлекуваат пријавите.
Во меѓувреме, постапувањето во конкретни предмети откри сериозни институционални пропусти, кои резултираа со судски постапки против службени лица за ненавремено постапување, засилени полициски активности и значително зголемување на бројот на регистрирани случаи – дури петкратно зголемување во април и мај во однос на февруари. Отворена беше и надзорна расправа во Собранието, со цел да се утврдат слабостите во системот.
Во тој контекст, денешното сведување на семејното насилство на „мал престап“ претставува директно негирање на реалноста и на сопствени претходни повици за пријавување и заштита на жртвите. Ваквата изјава ја поткопува сериозноста на проблемот и го доведува во прашање кредибилитетот на институционалните напори кои конечно почнаа да се засилуваат.
Ваквите изјави не се неутрални. Тие имаат директно влијание врз јавната перцепција и општествениот однос кон насилството. Релативизацијата на семејното насилство создава ризик од негово нормализирање, ги обесхрабрува жртвите да пријавуваат и дополнително ги изложува на стигма, притисок и недоверба. Во реалноста, напуштањето на насилна средина ретко е еднократен чин – тоа е процес кој често вклучува повеќекратни обиди, без доволна поддршка и со сериозни последици за жртвите.
Во таков контекст, сведувањето на семејното насилство на „мал престап“ не е само неточно, туку и опасно, бидејќи ја брише неговата тежина и ја игнорира штетата што ја остава врз животите, безбедноста и достоинството на жртвите.
Премиерот не може да зборува за општествена стабилност и иднина, а истовремено да го минимизира насилството кое директно ги загрозува животите на жените и децата. Закони можат да се донесуваат, а мерки да се најавуваат, но тие немаат вистинска вредност ако не се проследени со јасна политичка порака и недвосмислена осуда.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација бараат премиерот јавно, јасно и недвосмислено да го осуди секој чин на семејно и родово базирано насилство. Очекуваме одговорност во јавниот говор и воздржување од изјави кои, намерно или ненамерно, го релативизираат насилството.
Изјави од ваков вид не се соодветни за носител на највисока извршна функција во државата. Напротив, тие имаат потенцијал да нанесат дополнителна штета на жртвите и да го поткопаат тешко изграденото доверие во институциите.“