Монд: Франција, Германија и Велика Британија ќе ја претставуваат Европа на преговорите за Украина

Советници на лидерите на трите земји и претставник на Европската комисија ќе учествуваат во разговорите во Абу Даби, и покрај претходната најава од Кремљ дека преговорите ќе се водат само меѓу САД, Русија и Украина.

На претстојните разговори за ставање крај на војната во Украина, што ќе се одржат во Абу Даби, Европа ќе биде претставена преку форматот Е3, во кој членуваат Франција, Германија и Велика Британија. Според информациите на парискиот весник „Монд“, трите земји ќе испратат советници од кабинетите на своите лидери.

Франција ќе ја претставува Емануел Бон, шеф на дипломатската служба во кабинетот на францускиот претседател во Елисејската палата. Германија ќе ја претставува Гинтер Заутер, дипломатски советник на германскиот канцелар Фридрих Мерц, а Велика Британија – Џонатан Пауел.

Во разговорите ќе учествува и Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Трилатералните разговори меѓу претставниците на САД, Русија и Украина треба да започнат утре во Абу Даби.

Кремљ претходно денеска соопшти дека мировните преговори за Украина ќе се одвиваат исклучиво меѓу руската, украинската и американската делегација, во трилатерален формат, без учество на европски претставници.


Сепак, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во неделата изјави за радиото РТЛ дека европските земји, меѓу кои и Франција, ќе бидат вклучени во дводневната средба. Според најавите, на разговорите ќе се разгледуваат можностите за намалување на тензиите, завршување на војната и безбедносните договори за периодот по завршувањето на конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс