Ратко Младиќ доживеа мозочен удар во затворот во Хаг

Ратко Младиќ, осуден за геноцид и воени злосторства, доживеал мозочен удар во затворот во Хаг и е во сериозна здравствена состојба, соопшти неговото семејство.

Поранешниот воен командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој издржува доживотна казна затвор во Хаг, доживеал мозочен удар и е во сериозна здравствена состојба.

Информацијата ја соопшти неговиот син Дарко Младиќ, наведувајќи дека инцидентот се случил на 10 април, но семејството сè уште не добило целосна медицинска документација од надлежните институции.

Состојба во затворската болница

Според семејството, Младиќ бил префрлен во болница, но истиот ден повторно вратен во притворот. Од 2024 година тој е сместен во затворската болница во Хаг, каде што се следи неговата здравствена состојба.

Синот тврди дека состојбата е значително влошена ,дека Младиќ повеќе не може да седи во инвалидска количка и има сериозни тешкотии во комуникацијата.

Судот во Хаг го осуди Ратко Младиќ на доживотен затвор во 2017 година, а пресудата беше потврдена во 2021 година. Тој беше прогласен за виновен за: геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Пресудата се однесува на неговата улога како највисок воен командант за време на војната во Босна и Херцеговина, вклучително и геноцидот во Сребреница.

Младиќ се криеше од правдата 16 години, пред да биде уапсен во 2011 година во Србија. Од тогаш се наоѓа во притвор во Хаг.

Здравствената состојба на Ратко Младиќ повторно го отвора прашањето за условите во кои се наоѓаат осудените за најтешки воени злосторства, додека неговото семејство бара целосен увид во медицинската документација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни