Нов радар во Италија за само 10 недели наплати казни од над три милиони евра

Фото: rawpixel

Стационарен радар на брзиот пат Паулезе регистрирал речиси 32.000 сообраќајни прекршоци, отворајќи дебата дали целта е поголема безбедност или полнење на буџетот.

Нов стационарен радар поставен на брзиот пат Паулезе (SS415) во северна Италија стана рекордер по износот на наплатени казни. За само десет недели од неговото пуштање во употреба се регистрирани речиси 32.000 прекршоци за пречекорување на дозволената брзина, а вкупната вредност на казните надминала три милиони евра.

Радарот е поставен кај местото Спино д’Ада, во покраината Кремона, на делница каде што ограничувањето на брзината е 110 километри на час. Во просек, секој ден биле евидентирани околу 450 прекршоци, што носело дневен приход од приближно 44.000 евра.

Според податоците, најголем дел од возачите ја надминале дозволената брзина за помалку од 10 километри на час, додека само мал број возеле повеќе од 60 километри над ограничувањето.

Поставувањето на радарот предизвика критики од локалните власти и здруженијата за заштита на потрошувачите. Тие сметаат дека уредот требало да биде поставен на делница каде што претходно се случувале тешки сообраќајни несреќи, наместо на сегашната локација. Од покраинските власти, пак, објаснуваат дека изборот бил направен согласно законските услови.

Иако Италија нема официјална листа на најпрофитабилни радари, италијанските медиуми наведуваат дека овој уред за помалку од три месеци донел повеќе приходи од сите радари во Рим во текот на целата 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс