Еколошката детска претстава „Чуварот на последното дрво“ на „Театар за тебе“ е дел од програмата на меѓународниот фестивал „Игор Маџиров“, кој се одржува во Театарот за деца и младинци во Скопје. Поради големиот интерес од публиката, претставата е најавена во два термина, во 11 и во 13 часот.
Создадена по мотиви на познатото дело „The Lorax“, претставата на забавен и интерактивен начин отвора важни прашања за заштитата на животната средина и одговорноста на секој поединец кон природата.
Приказната ги следи Бојан, Марија и нивната баба, кои тргнуваат во необична авантура во потрага по легендарниот Лори и последното дрво. Низ хумор, музика и непосредна комуникација со актерите, децата стануваат активни учесници во театарското доживување и откриваат дека дури и малите постапки можат да придонесат за почиста и поздрава планета.
Авторка и режисерка на претставата е Изабела Јакимова, а продуцентка и техничка координаторка е Сара Томевска. Во актерската екипа настапуваат Ѓорѓе Нешковиќ во улогите на Лори и Џоџо, Изабела Јакимова како Бабата, Лена и Фроги, Гоце Андонов како Бојан и Ангела Лефкова како Марија.
Со учеството на фестивалот „Игор Маџиров“, „Театар за тебе“ ја продолжува својата мисија за создавање едукативни и интерактивни театарски содржини кои преку уметноста ги поттикнуваат децата да размислуваат за светот околу себе.
