Македонците работат три и пол часа повеќе неделно од просекот во ЕУ

Според „Евростат“, работниците во Македонија во просек работат 39,5 часа неделно, додека просекот во Европската Унија изнесува 35,9 часа.

Македонските работници во просек неделно работат околу три и пол часа повеќе од граѓаните на Европската Унија, покажуваат податоците на „Евростат“ за 2025 година.

Во Европската Унија, вистинското работно време на работниците на возраст од 20 до 64 години, со полно и скратено работно време, во просек изнесувало 35,9 часа неделно. Тоа е за еден час помалку во споредба со 2015 година.

Во Македонија, пак, просечното вистинско неделно работно време изнесувало 39,5 часа.

Од земјите во соседството, според достапните податоци на „Евростат“, подолга работна недела имаат Србија со 41,3 часа и Босна и Херцеговина со 41,1 час. Пократка работна недела е регистрирана во Хрватска, каде просекот изнесува 37,8 часа.

Во рамки на Европската Унија, најдолги работни недели има во Грција, каде просекот изнесува 39,6 часа. Потоа следуваат Бугарија и Полска со по 38,7 часа, како и Литванија со 38,4 часа.

На спротивниот крај е Холандија, каде работната недела е најкратка и изнесува 31,9 часа. По неа следуваат Данска и Германија со по 33,9 часа, како и Австрија со 34 часа.

Според занимања, најдолга работна недела во ЕУ имаат квалификуваните земјоделски, шумарски и рибарски работници, кои во просек работат 42 часа неделно. По нив следуваат менаџерите со 40,6 часа и занимањата во вооружените сили со 39,4 часа.

Најкратки работни недели се забележани кај елементарните занимања, со просек од 31,8 часа, потоа кај помошните работници со 34 часа и кај услужните и продажните работници со 34,5 часа.

Податоците покажуваат дека иако во ЕУ работното време постепено се намалува, Македонија и дел од земјите од регионот сè уште остануваат над европскиот просек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс