Дваесет и петгодишен државјанин на Србија, вработен како обезбедување, загина синоќа на фестивалот Октоберфест во Минхен по тежок инцидент на атракција во забавниот парк. До несреќата дошло пред 22 часот на кулата за слободен пад „Хенговер“, висока околу 80 метри. Лекарите се обиделе да го спасат на самото место, но мажот подоцна им подлегнал на повредите во минхенската болница.
Првичните резултати од истрагата на германската полиција укажуваат дека 52-годишниот работник се наоѓал во простор каде што пристапот бил строго забранет. Додека гондолата полна со луѓе со голема брзина се спуштала кон тлото, директно удрила во него и го приклештила.
Медицинските екипи веднаш започнале реанимација на теренот. Поради сериозноста и обемот на повредите опасни по живот, тој со итна помош бил транспортиран во клиника, каде што набрзо била констатирана смрт.
Полициските службеници комплетно го оградија просторот околу кулата „Хенговер“ за да извршат де детален увид и вештачење на механизацијата. На самото место излезе и тим за кризни интервенции, кој им пружи психолошка помош на сведоците и очевидците на трагедијата.
Октоберфест секоја година привлекува милиони туристи, а ваквите атракции подлежат на строги технички контроли. Сепак, движењето на персоналот во критичните безбедносни зони останува една од најризичните точки во забавните паркови.