Сојузот на синдикатите на Македонија реагира дека земјата повторно е рангирана меѓу државите со сериозни прекршувања на работничките права, според Извештајот за 2026 година на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) – Глобален индекс на права.
Од ССМ велат дека, наместо очекувано подобрување, извештајот покажува „тапкање во место“ и индиции за дополнително влошување на состојбите. Македонија, според нив, повторно е рангирана во категоријата 4, односно меѓу земјите каде што има систематско прекршување на правата на работниците.
Од Синдикатот предупредуваат дека земјата се приближува кон најлошата категорија, односно групата земји каде што работничките права не се гарантирани.
„Ова е резултат на односот на власта и работодавачите, со што Македонија свесно се турка меѓу држави кои покажуваат очајни резултати кога станува збор за положбата на работниците, нивните права и слободи, вклучително и правото на слободно синдикално здружување“, наведуваат од ССМ.
Според ССМ, во извештајот посебно е нотирано она што се случило по големиот работнички протест во февруари 2026 година, организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија, на кој илјадници работници излегоа на улица барајќи повисоки плати.
Од Синдикатот тврдат дека по протестот претседателот на ССМ и неговото семејство биле цел на следење и објавување снимки од приватниот живот на социјалните мрежи. Според нив, снимките биле објавени од пратеници на владејачката политичка партија, што ССМ го оценува како сериозно нарушување на приватноста.
„Особено ако се има предвид дека во снимките се вклучени малолетни деца и членови на семејството кои немаат никаква улога во синдикалните активности на претседателот на ССМ“, наведуваат од Синдикатот.
Од ССМ дополнително реагираат дека и оваа година било забележано формирање и дејствување на, како што велат, „жолт синдикат“ под политичка наредба. Тие тврдат дека работници биле присилувани да се приклучат кон таков синдикат, кој, според ССМ, не работи во интерес на работниците, туку во интерес на работодавачите и политичките структури што стојат зад неговото формирање.
Од Синдикатот оценуваат дека ваквите состојби се сериозен удар врз работничкото организирање, синдикалната независност и правото на работниците слободно да се здружуваат и да ги штитат своите права.
Случајот повторно го отвора прашањето за состојбата со работничките права во Македонија, за односот кон синдикатите и за потребата од посилна институционална заштита на работниците.