Секој втор возрасен во Македонија пуши: јавноста бара построги мерки против тутунот

Ново истражување на АНАЛИТИКА покажува дека 50 проценти од возрасните во Македонија се активни пушачи, а јавноста поддржува построги мерки за контрола на тутунот.

Северна Македонија и натаму се соочува со сериозен предизвик во контролата на тутунот и никотинските производи. По повод 31 Мај – Светскиот ден без тутун, најновите податоци покажуваат дека пушењето останува широко распространета навика, но и дека јавноста сè повеќе поддржува построги мерки.

Според национално репрезентативно истражување на АНАЛИТИКА, 53,8 проценти од возрасните во земјава користат тутун или никотински производи, додека 50 проценти се активни пушачи на цигари. Со овие бројки, Македонија останува меѓу земјите со највисока распространетост на пушењето во Европа.

Во споредба со претходните години, се забележува раст, особено кај дневното пушење.

Проблем останува и изложеноста на чад во затворени простории. Дури 62 проценти од граѓаните сведочат на пушење во ресторани, додека 64,7 проценти забележуваат употреба на загреан тутун. Овие податоци укажуваат на недоволна заштита од чад и потреба од поефикасна регулатива, особено кога станува збор за новите никотински производи.

И покрај високата распространетост на пушењето, истражувањето покажува силна јавна поддршка за построги политики. Дури 90,2 проценти од граѓаните се запознаени со предложените законски измени.

Мнозинството поддржува конкретни мерки, меѓу кои забрана за пушење во автомобили во кои има деца, што ја поддржуваат 83,5 проценти од граѓаните. Забрана за рекламирање на нови никотински производи поддржуваат 63,1 процент, додека 51,4 проценти се за ограничувања на аромите. Речиси половина од граѓаните, односно 47,3 проценти, поддржуваат ограничувања и за пушење на затворени тераси.

Дополнително, речиси 90 проценти од пушачите поддржуваат зголемување на цените на тутунските производи, што ја потврдува улогата на даночните политики како една од најважните мерки за намалување на употребата на тутун.

Податоците покажуваат дека, иако пушењето е длабоко вкоренето во секојдневието, постои значителна јавна подготвеност за построги мерки и зајакнување на политиките за контрола на тутунот, во согласност со препораките на Светската здравствена организација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс