Пукање на фестивал во САД: 12 ранети во Охајо, полицијата трага по напаѓачите

На фестивалот Old West End во Толедо, Охајо, САД, се случи пукање во кое се ранети најмалку 12 лица. Полицијата сè уште трага по напаѓачите и повикува на помош од јавноста.

Најмалку 12 лица се повредени во пукање што се случи на фестивалот Old West End во Толедо, во американската сојузна држава Охајо. Инцидентот се случил синоќа, нешто по 23 часот по локално време, во момент кога полицијата им помагала на посетителите да се разотидат по завршувањето на настанот, јавуваат американски медиуми.

Според полицискиот извештај, десет лица се здобиле со прострелни рани, додека уште две се повредени при бегство од местото на настанот. Возраста на жртвите се движи од 16 до 51 година, а едно лице се наоѓа во критична состојба. Фестивалот Old West End е еден од најголемите во регионот и оваа година ја одбележа својата 51-годишнина.

Полицијата сè уште трага по напаѓачите и засега нема приведени лица. Истражителите упатија апел до јавноста за помош, повикувајќи граѓани кои имаат фотографии, видеа или информации од инцидентот да се јават.

„Нашите службеници беа на терен за да помогнат во разотидување на толпата по завршувањето на фестивалот. Нешто по 23 часот беа испукани повеќе куршуми“, изјави началникот на полицијата Мајкл Троендл.

Градоначалникот на Толедо, Вејд Капзукјевич, го осуди насилството, оценувајќи дека станува збор за трагичен настан за заедницата.

„Ова е тажен ден за нашиот град. Фестивал кој повеќе од 50 години е симбол на заедништво стана сцена на насилен злочин“, изјави тој, додавајќи дека е неопходна итна помош од јавноста за пронаоѓање на одговорните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс