Прв уписен рок во средните училишта: Запишани 13.397 ученици, во дел од училиштата конкурсот е веќе затворен

Од над 15 илјади пријавени ученици, во првиот уписен рок успешно се запишале 13.397 средношколци. Во повеќе гимназии и стручни насоки местата се веќе пополнети, а за преостанатите слободни места следува втор уписен рок.

Во рамките на првото пријавување за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година, од вкупно 15.075 ученици кои аплицирале преку електронскиот систем, успешно се запишале 13.397 ученици, соопшти Министерството за образование и наука.

Според официјалните податоци на МОН, 9.813 ученици се запишани на настава на македонски јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 ученици на српски наставен јазик.

Најголем дел од запишаните ученици се определиле за стручно образование. Во гимназиското образование се запишани 4.278 ученици, додека во стручните училишта своето образование ќе го продолжат 8.910 ученици. Во музичкото образование се запишале 209 ученици, а за ликовното образование сè уште трае процесот на селекција.

Поради големиот интерес, конкурсот веќе е затворен во повеќе средни училишта. Меѓу нив се гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје, како и „Јосип Броз Тито“ во Битола. Пополнети се и местата во училиштата во Делчево и Пробиштип, како и во повеќе дефицитарни стручни профили низ државата.

Во случаите каде што поголем број ученици освоиле ист број бодови, ќе се организира квалификациско тестирање. Такво тестирање ќе се спроведе во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, во секторот здравство и социјална заштита за профилот фармацевтски техничар на албански наставен јазик.

Учениците ќе полагаат тест по биологија и хемија на 22 јуни, според наставните програми од осмо и деветто одделение. Конечните резултати ќе бидат објавени истиот ден на огласната табла и на интернет-страницата на училиштето.

За сите преостанати слободни места ќе се организира втор уписен рок. Електронското пријавување ќе се реализира на 23 јуни, а на располагање остануваат вкупно 11.882 слободни места.

Документите во училиштата ќе се доставуваат на 24 јуни, додека конечните ранг-листи за второто пријавување ќе бидат објавени на 25 јуни најдоцна до 12 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс