Првото самостојно одење на училиште, тренинг без придружба на родителите, дружењето со другарите или останувањето во паркот малку подолго од договореното се дел од растењето. За децата, тоа е можност да станат посамостојни, додека кај родителите често отвора нова дилема: колку слобода да им дадат и како да останат во контакт кога не се заедно?
Првото решение на кое многумина помислуваат е мобилен телефон. Но, за помалите деца, телефонот може да понуди многу повеќе функции и содржини отколку што им се потребни во таа фаза од растењето.
Затоа паметните часовници се наметнуваат како можна алтернатива: децата добиваат основни можности за комуникација, а родителите начин да останат поврзани со нив. Еден таков уред е „Хуавеи воч кидс Икс 1“ (Huawei Watch Kids X1), дизајниран за децата да можат да комуницираат со родителите без постојано да носат телефон.
Покрај практичните функции, часовникот има модерен изглед и можности наменети да им бидат интересни и на самите деца.
Кратко јавување без мобилен телефон
Секојдневието на семејствата со деца на училишна возраст бара добра организација. Родителите се на работа, наставата завршува во одредено време, а потоа следуваат тренинзи, часови по странски јазици или дружење со пријателите. Доволна е една промена во планот за да почнат повиците и пораките.
„Хуавеи воч кидс Икс 1“ поддржува 2Г, 3Г и 4Г мобилни мрежи. Преку часовникот може да се примаат повици и да се испраќаат гласовни пораки и фотографии до одобрени контакти. Достапни се и видеоповици преку функцијата „Хуавеи Митајм“ (Huawei MeeTime).
Уредот има предна камера од 5 мегапиксели, задна камера од 13 мегапиксели и АМОЛЕД-екран со дијагонала од 1,82 инчи. Куќиштето може да се ротира за 360 степени, што овозможува промена на положбата на камерата при користење.
Но, поважни од техничките спецификации се практичните можности: детето може накратко да јави дека стигнало на училиште, дека тренингот завршил или дека ќе остане уште малку со другарите, без да мора да има мобилен телефон.
Кога родителот сака да знае каде е детето
Друга важна функција на ваквите уреди е одредувањето на локацијата. Тоа не мора да значи постојано проверување каде се наоѓа детето, туку можност локацијата да се провери кога има причина за тоа – на пример, ако детето доцни или не се јави во договореното време.
„Хуавеи воч кидс Икс 1“ користи пет начини за одредување на локацијата, меѓу кои сателитско позиционирање со двоен опсег, мобилни базни станици, двопојасен вај-фај, позиционирање со помош на сензори и поддршка за СОС-повици. На отворено користи сателитска технологија ГНСС со двоен опсег.
Овие функции можат да бидат корисни во сосема обични ситуации. Детето тргнало од тренинг, но сè уште не стигнало дома, ги сменило плановите по училиште или останало подолго во паркот. Родителот тогаш има уште еден начин да провери каде се наоѓа, покрај повикот или пораката.
Сепак, точноста на локацијата може да зависи од условите, достапниот сигнал и околината. Затоа, ваквата функција е дополнителна можност за информирање, а не гаранција за безбедност.
Првиот уред не мора веднаш да биде телефон
Прашањето кога е вистинското време детето да добие прв телефон нема ист одговор за секое семејство. Тоа зависи од возраста, обврските и времето што детето го поминува без непосреден надзор од возрасните.
Паметниот часовник може да биде меѓучекор. Детето добива основни можности за комуникација, но без целиот спектар содржини и апликации што ги нуди класичниот паметен телефон.
Кај „Хуавеи воч кидс Икс 1“, родителските контроли овозможуваат автоматско одбивање повици и пораки од непознати броеви. Родителите можат да блокираат апликации и да го активираат режимот за спиење, со кој се ограничува користењето на уредот во одреден период.
Ова може да биде корисно и за време на училишниот ден, бидејќи часовникот останува со детето, но неговото користење може да се приспособи на правилата што ги поставиле родителите.
Уред приспособен на детското секојдневие
За детскиот часовник да има смисла, детето треба да сака да го носи. Затоа ваквите уреди не се ограничени само на функциите што им се важни на родителите.
„Хуавеи воч кидс Икс 1“ им овозможува на децата да додаваат пријатели со меѓусебно приближување на уредите, а преку апликацијата „Хуавеи Митајм“ можат да разменуваат фотографии, емотикони и гласовни пораки.
Часовникот може да ја следи и секојдневната физичка активност. Преку апликацијата „Хуавеи ФемКеар“ (Huawei FamCare), родителите можат да прегледуваат одредени податоци што ги бележи уредот. Меѓу достапните функции се следењето на пулсот во текот на денот и функција за следење на емоционалната состојба.
Овие можности треба да се разберат како дополнителни информации од уредот, а не како медицинска процена или сигурен показател за тоа како се чувствува детето.
Технологијата помага, но договорот останува најважен
Ниту една од овие функции сама по себе не го решава прашањето за детската самостојност. Договорот за тоа каде оди детето, кога треба да се врати и кому да му се обрати ако му е потребна помош останува клучен.
Паметниот часовник може да ја олесни комуникацијата во периодот кога детето постепено почнува сè повеќе работи да ги прави самостојно. Но, важно е да се разговара и за приватноста, за тоа кога се проверува локацијата и како се користат податоците од уредот.
Наместо технологијата да стане средство за постојана контрола, таа може да биде практична врска меѓу родителите и децата – со јасни правила, меѓусебна доверба и простор за постепено стекнување самостојност.
