Камења кон Министерството за образование во Тирана, полицијата одговори со водени топови и солзавец

Нови судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата избувнаа денеска пред Министерството за образование во Тирана

Нови судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата избувнаа денеска пред Министерството за образование во Тирана. Учесници во протестот фрлаа камења кон зградата, по што полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера, објави албанска „Панорама“.

Пред судирите, демонстранти ја блокираа улицата со контејнери за отпад и ги запалија во близина на полицискиот кордон. Потоа почна фрлањето камења и други тврди предмети кон министерството, пренесе „Газета тема“.

Пред зградата се собраа студенти и други граѓани, кои продолжија да бараат оставка од премиерот Еди Рама. Денешните демонстрации се дел од протестниот бран што влезе во дванаесеттиот ден.

Претходно, пред премиерскиот кабинет беа запалени перничињата поставени околу камената маса со натпис „Дијалог“. Рама утрово ја претстави поставката како нова покана за разговор со студентите. Според „Еуроњуз Албанија“, перничињата ги запалиле поддржувачи на опозициската Демократска партија.


Протестите почнаа поради незадоволство од условите во образованието, а потоа се проширија со барања поврзани со невработеноста и обвинувања за корупција. Рама ги отфрли повиците за повлекување од функцијата и порача дека останува подготвен за разговор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс