Квир-програмата на ППЖ#14, курирана од Душица Лазова, ќе го отвори есенското фестивалско издание посветено на темата „Мајчинствување“. Настаните ќе се одржуваат од 6 до 28 ноември, а влезот на сите е слободен.
Во пресрет на отворањето, веќе се одвиваат работилници за дрег-кралеви под менторство на Drag Kings of Macedonia и @adytomat0, во соработка со Butchkuruzh и Коалицијата Маргини.
Квир-програмата на ППЖ започнува со „Драга Сафо“
Официјалното отворање е на 6 ноември во „Љубов бар“, со „Драга Сафо“, вечер на сафичко читање. По кратка пауза ќе следува забавата „Sapphic Рандеву“.
Во локалот ќе биде поставена и „По рацете“, изложба на аналогни фотографии на dyke hands of skopje.
Следниот ден, 7 ноември во Лабораториум, ќе се одржи дискусијата „Ова сме ние“, посветена на квир-родителствувањето. Разговорот ќе го води Бистра Кумбароска, а повод е нејзината нова експериментална поетска книга „A Queer Big Thing Called Family“, на која работи со Juliette.
Филмска проекција и разговор за автентичното живеење
Програмата на 7 ноември продолжува со проекција на францускиот филм „Love Me Tender“ (2025), во режија на Ана Казнав Камбе.
Филмот ја следи Клеменс, поранешна адвокатка и писателка која го напушта бракот за да живее автентично, соочувајќи се со последиците од таа одлука.
По проекцијата, за темите што ги отвора филмот ќе разговараат Душица Лазова, Грација Атанасовска и Благица Јовчевска.
Предавање на Софи Луис и „Радосница“ за завршница
На 24 ноември е најавено онлајн предавање на писателката и независна истражувачка Софи Луис, на тема „Укинување на семејството како комунизација на грижата“, проследено со прашања и одговори.
Истата вечер ќе бидат достапни примероци во форма на зин од преводот на нејзиниот есеј „Мајчинствување наспроти мајчинство“, кој ја обликувал темата на фестивалското издание.
Затворањето е на 28 ноември во „Минус еден“, во соработка со Skopje Pride Weekend. На програмата е „Радосница“, забава курирана од Butchkuruzh, со завршен настап на дрег-кралевите.
