Француската полиција до раните попладневни часови приведе 135 лица во рамките на безбедносната операција за денешните протести низ земјата. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека при контролите се запленети оружје и предмети што можат да се употребат за насилство.
Меѓу одземените предмети се метални топчиња, оловни сачми, пиротехника, прачки, импровизирано оружје, катана и реплики за ерсофт. Нуњез при објавувањето на првичниот биланс рече дека дотогаш немало поголем инцидент.
Илјадници луѓе повторно излегоа на улиците поради високите животни трошоци и состојбата во јавните услуги. Главниот марш во Париз почна мирно, додека во Лион полицијата употреби солзавец. Дел од приведувањата следувале по превентивни проверки пред собирите.
За обезбедување на протестите властите мобилизираа околу 70.000 полицајци и жандарми, со поддршка од хеликоптери, оклопни возила и водени топови. Операцијата треба да спречи повторување на насилствата од минатиот викенд, кога беа ограбени продавници, запалени автомобили и оштетени јавни објекти.
Поради безбедносните ризици, големите париски музеи денеска останаа затворени, а трговците ги заштитија излозите со дрвени плочи. Протестното движење почна со барања за подобри услови во училиштата, а потоа се прошири со незадоволството од поскапувањата и економската нееднаквост.
