Рано утринава на територијата на Општина Кавадарци беше спроведено првото авионско третирање против комарци за оваа година.
Акцијата се реализираше во раните утрински часови, во периодот од 05:00 до 07:00 часот, со цел да се обезбеди максимална ефикасност на препаратите и минимално попречување на секојдневните активности на граѓаните.
Опфатени повеќе клучни локации
Со првата фаза од авионската дезинсекција беа опфатени течението на реката Луда Мара, почнувајќи од селото Марена, целото градско подрачје на Кавадарци, селото Ваташа и потесниот простор сè до браната Моклиште.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека Општина Кавадарци во континуитет продолжува со спроведување на редовните мерки за заштита на јавното здравје, со цел да се спречи ширењето на заразни болести и да се подобри квалитетот на живот на граѓаните во текот на летниот период.
Во наредниот период се очекуваат и дополнителни фази на дезинсекција, за кои граѓаните и пчеларите ќе бидат навремено известени.