Илјадници млади во Индија маршираат кон Парламентот, полицијата забрани протест

Илјадници поддржувачи на движењето „Бубашваба“ протестираат во Њу Делхи барајќи оставка на министерот за образование и реформи по скандалите со испитите.

Илјадници поддржувачи на индиското движење „Бубашваба“ денеска се собраа во Њу Делхи со намера да маршираат кон Парламентот, и покрај тоа што полицијата не издаде дозвола за протест. Демонстрантите бараат оставка од министерот за образование и одговорност за серијата скандали поврзани со протекување на приемни и државни испити.

Полицијата распореди засилени безбедносни сили околу местото на собирот Џантар Мантар, стравувајќи дека протестот може да прерасне во судири доколку колоната се упати кон Парламентот. Властите преку разглас ги повикаа присутните да се разотидат, додека насобраните извикуваа пароли против владата на премиерот Нарендра Моди.

Движењето „Бубашваба“ се појави во мај, откако претседателот на Врховниот суд дел од невработените млади ги нарече „бубашваби“. Наместо навредата да ги обесхрабри, младите го претворија терминот во симбол на отпор, а движењето за кратко време доби милиони следбеници на социјалните мрежи.

Незадоволството дополнително се засили по повеќекратните случаи на протекување испитни прашања, што предизвика силни реакции во јавноста. Демонстрантите бараат реформи во системот за полагање испити, одговорност од институциите и поддршка за семејствата на учениците кои извршиле самоубиство поради овие скандали.

Протестите претставуваат нов политички предизвик за владата на Нарендра Моди, која се соочува со критики од опозицијата, организации за човекови права и дел од јавноста поради ограничувањето на правото на протест и апсењето активисти. Од друга страна, владините претставници ги отфрлаат барањата на движењето и тврдат дека нема основа за преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс