Протести и жестоки реакции откако Зеленски го смени министерот за одбрана

„Ви благодарам на сите што ја бранат Украина и работат за победа“, напиша на социјалните мрежи Федоров по неговата смена

Володимир Зеленски, претседателот на Украина, го разреши Михајло Федоров од функцијата министер за одбрана на Украина, што е најновото во низата потези во реконструкцијата на неговата администрација. Промената следеше по вчерашниот состанок со военото раководство, а самиот Федоров ја потврди доцна навечер со објава на социјалните мрежи, пишува „Киев Индепендент“.

Во објавата, тој наведе повеќе од 20 големи достигнувања од неговиот мандат, вклучувајќи го и одбивањето на руските сили да имаат пристап до системот Starlink, кампања против руската логистика во окупираниот Крим и „непопуларна, но исклучително важна“ иницијатива за воена реформа. Министерот во заминување, исто така, наведе три цели што не успеа да ги постигне: целосна трансформација на украинското Министерство за одбрана „во согласност со НАТО и здравиот разум“, реорганизација на системот за воени набавки и градење „култура на одговорност“.

„Ви благодарам на сите што ја бранат Украина и работат за победа“, напиша Федоров. „Ви благодарам на целиот мој тим за нивната ефикасна служба 24/7… Ќе продолжам да работам на мисијата со која дојдов во Министерството за одбрана – да го поразам непријателот преку асиметрија, брзина на иновации и силата на нашата организација.“

Кој ќе го замени Федоров?

Претставник од владејачката партија „Слуга на народот“, кој побара анонимност, за „Киев Индепендент“ изјави дека на министерот за внатрешни работи Ихор Клименко му е понудена позицијата на следен министер за одбрана. Генералот Клименко беше началник на Националната полиција од 2019 до 2023 година, а беше назначен за министер за внатрешни работи по смртта на неговиот претходник, Денис Монастирски. За да ја преземе новата функција, неговата номинација мора да биде поддржана од парламентот.

Портпаролката Маријана Рева за „Киев Индепендент“ изјави дека Клименко бил изненаден од предлогот на претседателот. „Чекаме официјален предлог од претседателот. Како што знаете, Игор Клименко е офицер. За него, зборот на врховниот командант е наредба“, рече Рева.

Пратениците и од владејачката партија и од опозицијата со кои разговараше „Киев Индепендент“ не ја одобрија потенцијалната промена. „Тоа се лоши вести“, рече пратеник од партијата на Зеленски.

Политичкиот аналитичар Володимир Фесенко има слично мислење. „Не мислам дека е добро министерот за одбрана да се менува на секои шест месеци. Нема фундаментални забелешки за работата на Федоров и треба да му се дозволи да ги заврши реформите што ги најави. Уште една промена на чело на министерството за одбрана – без разлика кој ќе го замени – само би создала поголем хаос“, изјави Фесенко за „The Kyiv Independent“.

Истовремено денеска, демонстранти се собраа во центарот на Киев противејќи се на смената на Федоров.

е-Трн да боцка во твојот инбокс