Во Кафе бар „Погон“ на 13 јуни во 11:00 часот ќе се одржи промоција на новата сликовница „Најмалечкиот сон што порасна голем“, дело на авторката Марија Пејоска, со илустрации на Иванка НиБа. Настанот ќе го промовира Весна Мојсова Чепишевска.
Сликовницата е нежна и поетична приказна која ја истражува храброста да се биде свој, силата на добрината и значењето на малите желби кои можат да прераснат во големи промени. Преку римуван текст и впечатливи илустрации, книгата ги поттикнува децата да веруваат во своите соништа и да ги негуваат вредностите на пријателството, емпатијата и заедништвото.
Како што се наведува во рецензијата на Сања Арсова, „Постојат книги кои не се читаат само со очи, туку и со срце“, нагласувајќи дека делото претставува тивка, топла и емотивна приказна за моќта на детската имагинација и добрината.
Авторката преку ликовите на малата Деница и нејзината сестричка Веда пренесува порака дека секој сон, без разлика колку е мал, може да порасне во нешто големо кога е создаден со љубов и чисто срце. Настанот е отворен за јавноста, а посетителите се поканети да го проследат патувањето на едно мало сонче што учи како да ја прегрне целата планета.