И покрај тоа што пазарната капитализација на домашниот пазар на капитал остана релативно стабилна во текот на 2025 година, тргувањето на Македонската берза бележи значителен пад. Според Годишниот извештај на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), вкупниот промет со хартии од вредност лани изнесувал 9,58 милијарди денари, што е за 28,46 проценти помалку во однос на 2024 година.
На крајот на годината, пазарната капитализација достигнала 395,5 милијарди денари, односно повеќе од 6,4 милијарди евра, што претставува благ раст од 1,09 проценти. Од КХВ посочуваат дека намалениот промет најмногу се должи на значителниот пад на тргувањето со обврзници на секундарниот пазар. Во класичното берзанско тргување и понатаму доминираат акциите, кои учествуваат со 99 проценти од вкупниот промет.
Најголем дел од трансакциите се реализирани на Официјалниот пазар, кој учествува со 91,13 проценти во вкупниот берзански промет. Главниот берзански индекс МБИ10 годината ја завршил на ниво од 10.054,59 поени, што претставува минимален пад од 1,43 проценти. Од друга страна, индексот на обврзници ОМБ бележел постепен раст во текот на годината и ја завршил 2025 година со зголемување од 4,3 проценти.
Покрај следењето на состојбите на пазарот, КХВ во текот на годината спровела и засилени контроли врз финансиските институции. Извршени биле две редовни контроли кај брокерски куќи и банки, како и три контроли кај друштва за управување со инвестициски фондови. По утврдени неправилности биле изречени четири мерки во форма на укажувања за усогласување со законските обврски. Комисијата за одлучување по прекршок одржала 16 седници и донела вкупно 27 решенија. Од нив, 13 завршиле со изрекување парични казни, а 14 со опомени.
Вкупниот износ на изречените глоби достигнал 19.000 евра, од кои 15.000 евра за правни лица и дополнителни 4.000 евра за одговорни лица во компаниите. Според КХВ, најголем дел од прекршоците се однесувале на непочитување на законските обврски за транспарентност и ненавремено информирање на инвеститорите и јавноста за значајни информации поврзани со работењето на компаниите.