Во рамки на петтото издание на „Маалски фестивал“, во КСП Центар-Јадро се отвори изложбата на фотографии „Пркосните 12“, завршница на тримесечен инклузивен курс по фотографија под менторство на фотографот Драги Неделчевски.
Изложбата носи 30 портрети создадени од дванаесет учесници, кои низ работилниците учеа, истражуваа и создаваа преку фотографијата. Но, надвор од техничкото учење, проектот отвори простор и за нешто подлабоко: меѓусебно разбирање, поддршка, емпатија и заедништво.
Дванаесетте учесници во проектот истовремено се и фотографи и модели во фотографиите на своите колешки и колеги. Токму затоа „Пркосните 12“ не е само изложба на портрети, туку сведоштво за процес во кој фотографијата станува средство за комуникација, личен израз и поврзување.
Организаторите ја опишуваат завршницата со чувство кое најдобро ја собира атмосферата по крајот на курсот: тажно што заврши, но среќно што се случи. Тоа чувство се препознава и во самата изложба, која зад секој портрет носи лична приказна, присуство и автентичност.
„Пркосните 12“ може да се посети до 19 јуни во КСП Центар-Јадро, од 10:00 до 15:30 часот. Влезот е слободен.