Полицијата во текот на изминатото деноноќие лишила од слобода 11 лица на повеќе локации низ државата, откако кај нив биле пронајдени наркотични материи, соопшти Министерството за внатрешни работи.
На Граничниот премин Табановце, при влез во државата, била приведена 53-годишна државјанка на Германија. При контрола на кампер возило со германски регистарски ознаки биле пронајдени повеќе пакувања со бела прашкаста материја и марихуана, како и поголема количина тутун, цигари и други предмети со траги од наркотични супстанции.
Во Скопје, на повеќе локации, полициски службеници привеле седум лица, меѓу кои двајца малолетници, државјанин на Турција и државјанин на Канада. Кај нив биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, кафеава грутчеста материја и марихуана.
Во Битола биле лишени од слобода двајца 37-годишници, откако при преглед кај едниот од нив била пронајдена марихуана.
Во гостиварското село Дебреше бил приведен 21-годишен жител на село Врановце, кај кого во торба биле пронајдени марихуана и пари. Истата вечер, полициски службеници во Гостивар пронашле и неколку пакувања со марихуана оставени во контејнер за отпадоци.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави.