Судија на претходна постапка доцна синоќа му одредил притвор на возачот осомничен за тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која загинаа четири лица.
Одлуката е донесена по барање на надлежното јавно обвинителство, по распитот во судот. Како причини за притворот се наведени опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори кривичното дело, соопштија од Судот.
Во трагичната несреќа загинаа тројца 20-годишници — Марко Ѓорѓиевски, Петар Миланов и Адам Велков, како и таткото на Адам, оперскиот пејач Ристе Велков.
Јавното обвинителство претходно објави детали за несреќата. Според нив, осомничениот 76-годишен возач управувал товарно возило со полуприколка и се движел по северната обиколница на Скопје.
Како што наведуваат од обвинителството, тој не се придржувал до сообраќајните прописи и не ја приспособил брзината според условите на патот. Поради тоа изгубил контрола над возилото, ја пробил заштитната ограда и навлегол во спротивната коловозна лента, каде се случил судирот со патничкото возило.
По целосното документирање на случајот, постапката продолжува пред надлежните институции.