Пристапот до природа во европските градови сè повеќе зависи од приходите на граѓаните, покажува нова студија која анализирала зелени површини во 862 градови низ Европа. Истражувањето укажува дека богатите жители имаат значително поголеми шанси да живеат во средини со повеќе дрвја, сенка и паркови, додека посиромашните делови од градовите остануваат „зеленo запоставени“.
Според податоците, помалку од 15 проценти од населението во анализираните градови има соодветен пристап до урбана природа. Студијата, спроведена од Европската комисија и Универзитетот во Копенхаген, предупредува на јасна „зелена поделба“ што се продлабочува низ целиот континент.
Истражувачите посочуваат дека климатските промени дополнително ја влошуваат ситуацијата, бидејќи топлотните бранови во градовите стануваат поинтензивни, а загадувањето и бучавата остануваат сериозен проблем. Зголемувањето на зеленилото би можело значително да ги намали овие негативни ефекти и да го подобри квалитетот на живот.
Европа сè уште е далеку од примена на таканаречениот „3-30-300“ принцип, според кој секој човек треба да гледа најмалку три дрвја од својот дом, крошните да покриваат 30 проценти од градската површина и зелените зони да бидат оддалечени најмногу 300 метри од живеалиштата. Податоците покажуваат дека градовите во северозападна Европа значително подобро ги исполнуваат овие стандарди во споредба со југот и истокот на континентот.
Во градови како Хелсинки, Минхен и Краков, пристапот до зелени површини е далеку подобар отколку во јужните урбани центри како Атина, Перпињан или Кордоба. Европската унија веќе има обврска до 2030 година да спречи понатамошно губење на градското зеленило и постепено да го зголемува.