Чарна Невзати е препознатлива по Miss World North Macedonia 2025, манекенка и студентка по право, но нејзината приказна не се собира само во титула, избор или фотографија. Таа е дел од една нова генерација млади жени кои не прифаќаат да бидат гледани еднодимензионално, само низ изгледот, сцената или јавната слика.
Во нејзиниот случај, убавината има повеќе слоеви. Таа е во интелигенцијата, во скромноста, во достоинството со кое се носат успесите и во самодовербата што не бара да биде гласна за да биде силна. Чарна е пример дека вистинската убавина не е само изглед, туку и карактер, став и внатрешна сигурност.
Покрај манекенството, таа зад себе има и победа на Ораторската вечер „Иво Пухан“, што отвора друга страна од нејзината приказна, онаа во која јавниот настап не е само позирање пред камера, туку и способност да се зборува јасно, смирено и со мисла. Токму затоа ова интервју не е разговор само за модата и сцената, туку за амбицијата, предрасудите, женската самодоверба и правото една млада жена да биде повеќе нешта истовремено.
Трн: Јавноста најчесто те препознава како манекенка и Miss World North Macedonia 2025, но твојата приказна не почнува и не завршува со титула, круна или фотографија. Како би се претставила ти, без титули и етикети?

Чарна: Без титули и етикети, би се претставила како амбициозна личност што постојано работи на себе не само професионално, туку и човечки. Сите титули, успеси и признанија имаат вредност само ако зад нив стои човек со вистински квалитети: дисциплина, самодоверба, карактер, емпатија и силен став! За мене, не е доволно само да промовираш убавина, интелект или добрина, туку треба навистина да ги носиш во себе. Се трудам да бидам личност што знае да се бори за она во што верува, особено кога станува збор за правда и човекови права. Правото ме научи да размислувам критички, манекенството ме научи на дисциплина и присутност, а животот ме научи дека најголемата сила доаѓа од тоа да се познаваш, да се почитуваш и да се грижиш за сопствениот карактер. Кога човек навистина се сака и работи на себе, сите добри квалитети природно доаѓаат до израз.
Трн: Победи на Ораторската вечер „Иво Пухан“ со говорот „Кој ја плаќа цената на војната и тероризмот“. Денес, неколку години подоцна, живееме во време во кое оваа тема е повеќе од релевантна. Дали сè уште стоиш зад ставовите од тој говор и што би додала денес?

Чарна: Не би променила ниту еден збор. И денес стојам зад секоја мисла од тој говор, можеби дури и поцврсто од тогаш. Низ историјата, денес, а веројатно и во иднина, човекот како да одбива да ја научи наједноставната лекција, дека во војната нема победници. Секој губи. Најголемата цена секогаш ја плаќаат невините луѓе.
Семејства се распаѓаат, деца растат без детство, животи згаснуваат, а бројките постојано растат. И токму тоа е најстрашното, што со текот на времето луѓето почнуваат да ги гледаат тие бројки стратешки, политички, рационално… наместо човечки. Разбирам дека политиката бара рационалност, анализа и стратегија. Но кога станува збор за човечки животи, не смее да се изгуби емпатијата. Не можеме да бидеме „рационални“ кога зборуваме за страдањето на невини луѓе.
Трн: Што бара повеќе храброст: да излезеш на писта пред публика која те гледа или да застанеш на ораторница пред публика која треба да те слушне?
Чарна: Мислам дека и двете бараат огромна храброст, само на различен начин. Всушност, храброста е потребна за многу повеќе од само на писта или говорница, потребна е и во секојдневниот живот. Потребна е за да бидеш свој, да се покажеш пред светот таков каков што си и да стоиш зад тоа со гордост. Луѓето ќе те гледаат секогаш, на писта, на сцена, па дури и на улица. Но кога човек е навистина комфорен со себе, кога се прифаќа и се почитува, тогаш тој поглед не создава страв. За мене, клучот е токму во тоа: да бидеш горд на себе. Ако ти самиот не се срамиш од тоа кој си, тогаш нема простор за страв, без разлика дали чекориш на писта или зборуваш пред илјадници луѓе. Храброста не е само за сцената таа е потребна за љубов, за изборите што ги правиме, за животот воопшто. А мене токму тоа чувство на внатрешна сигурност ми помага во секој предизвик.
Трн: Правото, ораторството и манекенството на прв поглед изгледаат како три различни светови. Едното бара аргумент, другото глас, третото присуство. Како се спојуваат овие три работи кај тебе?
Чарна: На прв поглед навистина изгледаат како три различни светови, но суштински сите бараат исти темели: дисциплина, автентичност, самодоверба и целосна присутност во моментот. Мислам дека токму затоа успевам да ги спојам. Без разлика дали сум на факултет, на ораторница/говорница или на писта, пристапот ми е ист, целосна посветеност на тоа што го правам во тој момент.
Кога сум на писта, целото мое внимание е таму. Кога учам право, сум целосно во тој процес. Кога зборувам пред публика, постојам само јас и пораката што сакам да ја пренесам. Секоја од овие области бара одредена жртва и многу работа, но мислам дека токму дисциплината е тоа што ми дозволува да ги балансирам. За мене, тие не се спротивности тие се различни начини преку кои го изразувам истиот принцип: да го дадам најдоброто од себе, со интегритет.



Трн: Зошто сè уште постои потреба една убава жена/девојка постојано да докажува дека е и паметна? И зошто паметот кај жените сè уште често се третира како изненадување, а не како нормалност?
Чарна: Мислам дека тоа е последица на застарени стереотипи што сè уште тивко живеат во општеството. Сè уште постои таа погрешна претпоставка дека жената мора да „компензира“ ако е убава, треба дополнително да докажува дека има интелект, како тие две работи да се меѓусебно исклучиви. Но интелигенцијата кај жената не треба да биде пријатно изненадување. Треба да биде очекувана нормалност. Мене ми е важно со мојот пример да покажам дека жената не мора да избира меѓу тоа да биде убава, амбициозна, гласна, нежна, успешна или ранлива. Таа може да биде сè од тоа, истовремено.



Трн: Младите жени често се охрабруваат да бидат успешни, но само додека не станат „премногу“ успешни, „премногу“ гласни или „премногу“ сигурни во себе. Го чувствуваш ли ти тој притисок?
Чарна: Да, го чувствувам тој притисок и тоа многу лично, на своја кожа. И мислам дека многу млади жени го чувствуваат, дури и кога не го именуваат. Често општеството ќе ти аплаудира сè додека твојата амбиција е „удобна“ за другите. Но штом станеш премногу гласна во ставовите, премногу сигурна во себе или премногу решителна, одеднаш тоа се гледа како закана наместо како квалитет. Искрено, научив дека не треба да се смалувам за да им биде удобно на другите. Верувам дека самодовербата кај жената не треба да се перцепира како ароганција, туку како свест за сопствената вредност. А ако некому тоа му изгледа како „премногу“, можеби проблемот не е во количината на нашата сила, туку во нивната навикнатост на женска тишина.