Одговорност за труењето во Гостивар и молчењето на институциите сè уште нема

Илегални пумпи вбрузгуваа фекалии во водоводот 20 дена, а заболените во Гостивар растат и по оценката за техничка вода.

Институциите во Гостивар молчеа пет дена додека граѓаните масовно бараа лекарска помош, а Центарот за јавно здравје во Гостивар само три дена пред да се открие дека водата содржи фекалии доставил извештај дека таа е безбедна за пиење. Илегално поставени пумпи вбризгувале вода со колиформни бактерии во водоводниот систем од 26 јуни до 16 јули. Две недели подоцна, водата сè уште нема статус безбедна за пиење, а прашањето за одговорноста останува отворено.

Само три дена пред јавноста да дознае дека граѓаните на Гостивар пиеле вода со фекалии, Центарот за јавно здравје во Гостивар доставил извештај дека истата вода е безбедна за пиење. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, го потврди датумот. „Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава“, изјави тој. Три дена подоцна, обвинителството утврди дека во водоводната мрежа веќе со недели течела вода со колиформни бактерии.

Обвинителството утврди дека илегално поставени пумпи вбризгувале вода со отпадни материи во водоводниот систем во село Вруток од 26 јуни до 16 јули. Дваесет дена граѓаните на Гостивар пиеле, се туширале и готвеле со таа вода. Симптомите почнале да се шират уште на 14 јули, кога 324 лица побарале лекарска помош во еден ден. На 15 јули бројката пораснала на 456, два дена пред Агенцијата официјално да ја забрани водата. Епидемија беше прогласена дури на 19 јули, пет дена по првите бранови пациенти.

Обвинителството осомничи тројца вработени во јавното претпријатие „Комуналец“, меѓу кои и директорката Артана Асани, за пумпите поставени во водоводниот систем. Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, најави дека очекува да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со постапување или непостапување придонеле за состојбата. Директорката на Инспекторатот за животна средина, Ивана Гиновска, изјави дека од 2021 година немало утврдено прекршување на дозволата на операторот, а пумпите биле поставени илегално, на 800 до 900 метри од главниот цевковод. Дали навремена реакција на Центарот за јавно здравје можела да го спречи ширењето на епидемијата, засега нема одговор.

И покрај зборовите на министерот Хоџа за морална одговорност, ниту тој, ниту директорката на Инспекторатот за животна средина, ниту раководството на Центарот за јавно здравје во Гостивар досега не понудија оставка. Одговорноста, засега, останува да се очекува од тројцата вработени во „Комуналец“ против кои обвинителството поднесе пријава.

Водата во Гостивар доби статус на техничка на 27 јули, по три последователни дена подобрени анализи, но забраната за пиење и подготовка храна останува. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека снабдувањето со флаширана вода продолжува. „Играње со здравјето на граѓаните нема“, изјави тој.

Бројот на заболени сепак не запира и забележува раст. На 26 јули се регистрирани уште 127 нови прегледи, а вкупниот број за две недели го надмина 4.100. Најголем пораст има кај децата, каде за еден ден се прегледани 50 пациенти, десет повеќе од претходниот ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс