Научници: Во моменти на стрес, дружењето со мачка ги интензивира негативните емоции

Студија на 188 сопственици покажа дека почестото дружење со мачка во стресни периоди не носи емоционално олеснување, туку доста често има обратен ефект.
Фото: Unsplash

Ново истражување објавено во научното списание „Frontiers in Psychology” покажа дека мачките не го ублажуваат стресот кај сопствениците на начинот на кој обично се верува. Студијата, спроведена врз 188 сопственици на домашни миленици во период од пет дена, откри дека почестата интеракција со мачки за време на стресни периоди е поврзана со благо покачено ниво на негативни емоции.

За разлика од претходните истражувања, кои се потпирале на сеќавања на учесниците, оваа студија барала од испитаниците да ги бележат своите емоции, нивото на стрес и интеракциите со миленичињата неколку пати дневно. Тоа им овозможило на научниците да ги следат искуствата во реално време, наместо преку рекострукција по неколку дена или недели.

Општо гледано, времето поминато со миленичиња било поврзано со попозитивни емоции кај сопствениците. Кога, сепак, биле анализирани конкретни стресни ситуации, не постоеле цврсти докази дека дружењето со миленик го намалува нивното емоционално влијание.

Кај сопствениците на мачки истражувачите забележале специфичен образец. Почестата интеракција со мачки токму во стресни периоди била поврзана со благо покачено ниво на негативни емоции. Кај сопствениците на кучиња ваков образец не бил забележан.

Научниците нагласуваат дека тоа не значи дека мачките предизвикуваат стрес или штетат на менталното здравје. Според нив, резултатите покажуваат дека односот меѓу миленичињата, емоциите и стресот е посложен отколку што претходно се мислело.

Д-р Ени Валуска, бихевиористка за животни од компанијата Purina, изјавила за списанието Newsweek дека резултатите кои се однесуваат на мачките треба да се толкуваат внимателно. Таа посочува дека студијата често се претставува во медиумите како доказ дека мачките го зголемуваат стресот, но смета дека тоа не е точно толкување на истражувањето.

Валуска додава дека студијата всушност потврдила дека дружењето и со кучиња и со мачки е поврзано со подобра емоционална состојба. Наместо заклучок дека луѓето се чувствуваат полошо поради мачките, таа смета дека истражувањето покажува како миленичињата не мора секогаш да понудат моментално олеснување во тешки ситуации.

Истражувачите не објасниле зошто овој образец се појавил само кај сопствениците на мачки, но понудиле неколку можни толкувања. Едно е дека луѓето потрага по друштво на мачката ја интензивираат токму кога веќе се чувствуваат под стрес или преоптоварени. Во тој случај, интеракцијата би била последица на постојната емоционална состојба, а не нејзина причина.

Истражувачите истакнале и дека кучињата и мачките веројатно нудат утеха на различни начини. Дружењето со кучиња честопати вклучува физичка активност, како прошетка или игра, додека дружењето со мачки обично е потивко и постатично. Оваа разлика можеби влијае на тоа како сопствениците го доживуваат стресот, но авторите нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се објасни наодот кај сопствениците на мачки.

Валуска предупредува дека не треба да се извлекуваат конечни заклучоци врз основа на само една студија. Таа посочува дека различни истражувачки пристапи, како мерење на хормони на стрес или анализа на лични описи на емоции, можат да откријат нови аспекти на односот меѓу луѓето и животните. Статистичката поврзаност забележана кај мачките била релативно слаба.

Сопствениците на мачки на кои резултатите можеби им предизвикале загриженост, според Валуска, немаат причина да ги менуваат навиките. Ако дружењето со мачка му носи утеха на сопственикот во стресни моменти, треба да продолжи со тоа. Наместо тоа, таа предлага сопствениците да обрнат внимание на тоа кој вид интеракција најмногу им годи, без разлика дали станува збор за игра, галење или едноставно тивко заедничко седење во иста просторија.

Резултатите покажуваат дека мачката можеби нема веднаш да ги отстрани последиците од напорен ден, но тоа не ја намалува вредноста на нејзиното друштво. Студијата на крајот потврдува дека мачките можат да го подобрат општото емоционално расположение, дури и кога не претставуваат моментално решение за стресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс