Секој трет жител на планетата или речиси 2,7 милијарди луѓе не можат да си дозволат разновидна исхрана која ги задоволува енергетските и нутритивните потреби. Новиот извештај на пет агенции на Обединетите нации предупредува дека е потребна огромна работа за да се постигне глобалната цел за нулта глад до 2030 година.
Глобалниот глад во 2025 година бележи пад трета година по ред, погодувајќи 7,8 отсто од луѓето, во споредба со 8,1 отсто во 2024 година. Податоците од извештајот покажуваат и дека е запрен долготрајниот тренд на раст на гладот во Африка. Сепак, водечкиот економист на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), Максимо Тореро, за британскиот весник „Гардијан“ изјави дека процентот на луѓе кои не можат да си дозволат здрава исхрана останува „екстремно висок“.
Според годишниот извештај за состојбата со безбедноста на храната и исхраната во светот за 2006 година, здравата исхрана чини 4,28 долари дневно. Тореро објасни дека линијата на екстремна сиромаштија е три долари по лице, нагласувајќи дека трошоците за здрава храна се значително повисоки.
Владите најчесто се фокусираат на субвенционирање на житарки и скробни намирници, а не на месо, овошје, зеленчук и млечни производи, истакнува Тореро. Според него, таквиот пристап обезбедува калории, но не и разновидна исхрана, што директно влијае на стапката на дебелина и болести како рак и дијабетес.
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека дебелината кај возрасните пораснала од 12 отсто во 2012 година на 16 проценти во 2024 година. Тореро предупредува дека состојбата е итна и бара интензивни напори за минимизирање на ризиците и скриените трошоци од растот на дебелината. Тој предлага вложувања во инфраструктурата и поефикасни синџири на снабдување за намалување на трошоците за поздрави намирници.
Во текот на минатата година, 66,6 отсто од населението во Африка не можело да си дозволи здрава исхрана, што е двојно повеќе во споредба со Азија или Латинска Америка. Извештајот на агенциите на ОН покажува дека Африка за првпат стана континент со најмногу гладни луѓе, околу 309 милиони, престигнувајќи ја Азија која брои 292 милиони.
Тореро појаснува дека растот во Африка е главно резултат на зголемувањето на популацијата, иако уделот на гладни во вкупното население почнува да се намалува за првпат по многу години. Извештајот го подготвија ФАО, СЗО, УНИЦЕФ, Светската програма за храна на ОН и Меѓународниот фонд за развој на земјоделството.