На 5 јуни во Прилеп започнува јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, најстариот македонски театарски фестивал кој шест децении ја собира театарската сцена на едно место.
Годинашното издание се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и отвора простор за разговор за кризата на човекот во општеството, но и за кризата на општеството во човекот.
Фестивалот оваа година повикува на театар што има став, што преиспитува, провоцира и не молчи. Театар што не е само сцена, туку и огледало на времето во кое живееме.
Свеченото отворање ќе започне во 19 часот со изложбата „60 години МТФ ‘Војдан Чернодрински’“, со почеток на патеката од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во 20 часот, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на НУ Драмски театар – Скопје, во режија на Дејан Пројковски, според текст на Венко Андоновски.
Јубилејното издание на „Војдан Чернодрински“ е покана за враќање кон традицијата, но и за чекор кон нови театарски визии – кон театар без молк, со став и со храброст да го отвори она што често го премолчуваме.