Трн: Кој е главниот фокус на МЕД? Што е она што ве тера неуморно да работите толку време?
Методија: Природата. И желбата нејзината заштита да се издигне на повисоко ниво. Сведоци сме на негативни промени, а по долгогодишна работа, се приврзувате за работите кои сакате да ги зачувате. Од таму доаѓа инспирација за долготрајност, па дури и страст за работа која всушност го обликува нашиот живот. Сопствените стандарди ни се високи. Често ќе кажеме „не сме сигурни“ или „не знаеме“, иако веројатно знаеме повеќе од другите, само заради тоа што не можеме (од различни причини) да се потпреме на наука, и да прикажеме бројки. Всушност, науката ни е исто така во фокусот. Нашите аргументи, собрани со многу напор и изградени по сложени анализи, често пати се само „непријатна вистина“ која се турка на страна, но наместо тоа да не демотивира, само не тера да се надградиме. Го прифативме фактот дека „не можеме да ги разбудиме оние кои се преправаат дека спијат“, но тоа не значи дека сме се откажале од напорите за зачувување на природата. Од друга страна имаме одлични резултати со мотивирање на идните генерации па затоа сметаме дека остварувањето на нашата мисија е само работа на време.

Трн: Каква е судбината на балканскиот рис во Македонија?
Методија: За жал, сѐ уште неизвесна. Кога започна Програмата за заштита на балканскиот рис, пред 19 години, брзо увидовме дека криволовот, бројноста на неговиот природен плен и уништувањето на живеалиштата се најсериозните проблеми со кои се соочува. Првите две закани денес се до некаде ублажени, иако има простор за значајно подобрување на бројноста на пленот на рисот. Третиот проблем е актуелен и денес. Уништувањето на живеалиштата значи и нарушување на конективноста, односно изолација на различните јадра на рисовите. Но, во последниве 2-3 години докажавме уште еден проблем, кој долго време беше претпоставка – преостанатите рисови се во сродство, неизбежна последица на нивната мала бројност. Намалениот генетски фонд со себе носи здравствени проблеми, намалена адаптивна способност, поголема подложност на случајни настани и слично. Покрај редуцирање на другите закани, оваа опасност значи и потреба од воведување нови гени. Сѐ уште ги анализираме најдобрите опции, затоа што сакаме да се зачува и генетската посебност на балканскиот рис. Но ни тоа нема да биде доволно без обезбедување на поврзаност на популациите. Затоа, напорите за зачувување на рисот продолжуваат на повеќе фронтови.

Трн: Освен рисот, кои други животни се најзагрозени?
Методија: „Загрозеност“ е сложен термин, и во некои случаи зависи од големината на просторот на кој се врши оценувањето. Попрецизно, одредувањето на степенот на „засегнатост“ на одреден вид е објективен процес, заснован на научни критериуми воспоставени од Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). IUCN го одредува степенот на засегнатост на видови во посебни држави, региони или пак за целиот свет. Списоците на видови и нивните оценки за засегнатост ги нарекуваме Црвени листи. За балканскиот рис, критериумот е многу директен без разлика на регионот кој го населува, преостанати се под 50 возрасни единки, па е „критично загрозен“ и на глобалната, и на европската и на националната црвена листа. Ова би било случај и со други ендемични видови – ако е „загрозен“, „ранлив“ или „близу засегнат“ (различни категории на засегнатост) на единственото место каде живее, секако ќе биде исто оценет и на целиот континент, па и светот. Обратниот случај не важи – ако некој вид е „незасегнат“ на глобално ниво, истиот може да биде „ранлив“ или „близу засегнат“ на европско ниво, па дури и „загрозен“ на национално ниво. Да дадеме неколку примери: рибите охридската белвица (која е вид на пастрмка) и преспанската белвица (која е вид на плашка) се двете оценети како глобално „загрозени“, заради нивниот мал ареал (само Охридското Езеро, и Преспанскиот слив, соодветно). Египетскиот мршојадец е глобално „загрозен“, национално „критично загрозен“ (заради брзиот пад на популацијата изминатите 40 години), а орелот кликач национално би се класифицирал или како „критично загрозен“ или како „загрозен“ заради малата бројност (не повеќе од 15 двојки), иако на глобално ниво е „незасегнат“ заради големиот ареал, релативно големата популација и стабилен тренд. Друг пример се ладнољубивите водоземци и влекачи кои може да се најдат во Македонија, но и во голем дел од Европа. На пример, планинскиот мраморец (тритон), планинскиот гуштер, планинската жаба, па дури и шарката (која е инаку единствената змија што го населува северниот пол), се сите широко распространети во северна Европа, но кај нас се „заглавени“ само на високите планински висорамнини и врвови каде им е доволно ладно. Затоа имаат т.н. фрагментирани популации кои можеби еволуирале и во посебни видови, но тоа чекаме да ни го одговорат генетските анализи – во меѓувреме, кај нас се проценети како „загрозени“. Да се вратиме на вашето прашање – дури 23 видови од Македонија се оценети како „критично загрозени“ на глобално ниво, а 64 се „загрозени“. Со сигурност има повеќе, но сѐ уште не се формално оценети.

Трн: Често гледате во небото и ги пребројувате птиците, дали се забележуваат промени во нивното однесување и бројност?
Методија: За жал, можеме да дадеме само изолирани примери. Колку и да сакаме, немаме ресурси – првенствено човечки – за најголемиот број на видовите. Но, за некои знаеме дека се намалуваат заради загубата на нивните живеалишта – на пример, некои видови клукајдрвци и муварчиња други имаат многу намалени популации во однос на нивната оптимална бројност, односно доколку не би ги користеле шумите на начин како што тоа го правиме изминативе децении, не би биле приоритети за заштита. Други видови, како на пример степската ветрушка, имаат намалена бројност во однос на 20 години порано, најверојатно заради загуба на пасиштата и зголемена смртност од струјни удари на столбовите за пренос на електрична енергија. Бројноста на златните орли и сивиот сокол се намалува во последниве неколку години и не знаеме зошто тоа се случува, иако до неодамна беше стабилна. На други видови им оди добро – најкарактеристичен пример е штркот, чија бројност порасна за околу 50% во последните 10 години. Дури и белоглавиот мршојадец, кој беше на работ на исчезнување со 4-5 двојки пред неколку години, сега е барем малку подобар, со најмалку 14 двојки претходната гнездечка сезона. Тоа не значи дека е на сигурно, но ни дава надеж дека ќе опстане барем во блиска иднина. Од оваа година ќе започнеме со мониторинг на „честите“ видови птици, за што ќе ни требаат многу искусни доброволци, па се надеваме дека овој текст ќе мотивира некого да го запознае светот на птиците.

Трн: Дали очекувате Јабланица да биде прогласена за национален парк во 2025 година? До каде е процесот?
Методија: Не, затоа што е невозможно да се спроведе целата процедура за прогласување на едно заштитено подрачје но очекуваме да се заврши студијата за валоризација на Јабланица и комуникација со засегнатите страни. За среќа иницијативата која е започната пред дваесетина години е се уште жива на локално ниво, а минатата година беше продолжена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Процесот за прогласување на заштитените подрачја е многу бавен. Прво е потребна студија, која треба да ги потврди вредностите – и да препорача категорија на заштита, потоа да се изготви предлог-закон со предлог-зонирање, па да се спроведе постапка за учество на јавноста, па да се усвои финалната верзија на законот во парламентот. На многу заинтересирани страни најчесто не им е јасно што значи прогласување на заштитено подрачје, меѓу другото и заради системот на зонирање и списокот на дозволени и забранети активности. Во принцип, активностите со кои локалното население се занимава традиционално, остануваат дозволени, дури и во зоната за строга заштита (на пример, сточарство). Активностите кои ги нарушуваат вредностите се забранети, па дури и во зоната за одржливо користење (на пример, објекти за масовен туризам). Стравот од забраните и личните интереси најчесто го одолговлекуваат процесот. .

Трн: На кои успеси и постигнувања на МЕД сте најгорди и како тие придонеле за заштита на животната средина во Македонија?
Методија: Веројатно на прогласувањето на повеќе заштитени подрачја во изминатиов период. Преку Швајцарската „Програма за заштита на природата во Северна Македонија“ добивме два поголеми заштитени предела, Осоговски Планини и Малешево, а доста бевме инволвирани и во прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Се надеваме дека нашата работа на ревалоризација на НП „Маврово“ ќе вроди со плод, односно закон за репрогласување на паркот. Преку Мрежата за искуствено учење, многу поактивно работиме на еколошка едукација на учениците од основно и средно образование и подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина, намалување на влијанието на климатските промени и квалитетот на воздухот. Ниедна од овие работи не ја направивме сами, напротив, често бевме партнери на други организации и институции. Во Преспа, повеќе од 10 години работиме на национално ниво со субјектите за управување со заштитените подрачја во регионот, но и на прекугранично ниво преку коалицијата Преспа Нет. Тоа што ќе се види во иднина, е и нашата работа на идентификација на Натура 2000 мрежата, односно мрежата на заштитени подрачја на Европската Унија. Посебно ни е драга „Програмата за поддршка на млади еколози Д-р Љупчо Меловски“, која влегува во нејзината шеста година и преку која поддржавме 54 проекти на сегашни и идни професионалци во оваа област.

Трн: Кои се главните приоритети и фокусни области на МЕД за 2025 година?
Методија: Остануваме посветени на заштитата на рисот, борба против криминалот врз дивиот свет, унапредување на законодавството, еколошкото образование, поддршката на заштитените подрачја, зачувување и подобрување на еколошките коридори, придонесот кон науката и поддршката за младите еколози. Се надеваме дека ќе работиме и на зајакнување на популациите на некои засегнати видови, како белоглавиот мршојадец и неколку видови водни птици, дека ќе работиме на намалување на електрокуцијата на птиците. Ревитализацијата на различни типови живеалишта особено оние кои се многу чувствителни на климатските промени ќе ни биде во фокусот во следните години. Идентификацијата за меѓународно значајните подрачја ќе продолжи, иако во втор план. Ќе ги прошириме нашите активности во Преспа, а подготвуваме и еден покрупен чекор за развој на граѓанската наука.