Индустријата на несигурноста: Кој профитира кога се мразиш себеси?

Индустријата на убавината не ни продава производи, ни продава недостатоци. Секој нов „проблем” станува уште еден нов пазар, секој бунт против него пак е нова можност за профит. И додека жената денес старее „лошо“, мажот старее со ,,карактер”.

Некој во козметичката индустрија одамна сфатил дека не може да ти продаде крема, ако си задоволна со кожата. Затоа прво морал да те убеди дека имаш проблем. Брчките, целулитот, влакната, стомакот, седите влакна на косата…. Листата расте секоја декада, прецизно и методично, токму кога ппретходниот „проблем” почнува да се нормализира. Денес, во 2026 година, на тој список се наоѓа и природниот апетит и за него, се разбира, постои лек. Се вика Оземпик. Чини многу и продава многу повеќе. И сето ова не е случајност, туку разработен бизнис модел.

Женското тело отсекогаш било комерцијален терен. Своевидна јавна сопственост на која општеството полага право. Но она што денес е различно и она што е особено злобно, е начинот на кој тој терен е дигитализиран. Притисокот веќе не доаѓа однадвор, од билборд или од насловна страница. Тој е на девет сантиметри од лицето, во телефонот, во апликациите со филтри кои за две секунди ти покажуваат „подобра” верзија на тебе самата. И кога секој ден го гледаш тоа лице, сопственото почнува да ти изгледа како грешка. Пластичните хирурзи тоа го нарекуваат Инстаграм-лице. Психолозите го нарекуваат Снепчет дисморфија. За многумна тоа е профитабилна патологија.

Феминизмот одамна го именуваше овој механизам. Симон де Бовоар пишуваше за жената која е конструирана, а не родена конструирана токму за да биде потрошувач на сопствената несигурност. Наоми Волф во „Митот за убавината” покажа дека стандардите за изглед функционираат како политичка контрола и тоа колку повеќе жената е зафатена со тоа дали е доволно убава, толку помалку е зафатена со тоа дали е доволно слободна. Ова важи и денес. Само алатките денес се поусовршени.

Тука е и „боди позитивноста” како тред, што на „на прва“ изгледа како бунт. Плус-сајз модели на билборди, кампањи за „сите тела се убави”… Одеднаш сите се сетија дека жените постојат во повеќе од една големина. Испадна дека бунтот е само уште една пазарна можност. Наместо да ја ослободи жената од опсесијата со телото, движењето беше спакувано во нова верзија на истата порака: сега не мора да си слаба, но мора да си самоуверена, секси со своите облини, среќна, зрачна, позитивна. Спакувана. Продадена. Бунтот беше купен, преупакуван и вратен на полицата со нова цена.

Убавината стана статусен симбол. Да се биде „убава” по денешни стандарди значи да имаш пари за козметички рутини, третмани, филери, операции. Сиромашните жени немаат пристап до „убавина”. Богатите жени трошат животи барајќи ја. Никоја не победува, освен секако системот.

И додека жената штеди, брои и аплицира, мажот старее. Добива стомак, бори, седи влакна… И сето тоа се нарекува карактер. Џорџ Клуни „зрее убаво”. Жената со ист број години е „запуштена” и стара. Ова не е јазична случајност. Тоа е систем. Зрелоста кај мажот е естетска категорија и знак на искуство, авторитет, сексапил. Стареењето кај жената е дефект кој треба да се поправи, прикрие… Затоа пазарот за антиејџинг третмани е скоро и исклучиво е женски. Затоа филерите, ботоксот и операциите се „нормални” за неа, а опционални за него. Затоа жената која не се бори против своите години се смета за небрежна, а мажот кој не се бори, за природен.

Женската несигурност е профитабилна. Машката пак многу помалку. Затоа првата е индустрија.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс