Големиот Брат не дојде на сила. Ние се претплативме на него.

Денес се навршуваат 77 години од денот кога Џорџ Орвел ја објави „1984″ на 8 јуни 1949. Романот никогаш не беше само фикција и ја предвиде огромната поделба која се случи по Втората светска војна. Но, во некои периоди е позначаен отколку во други. Ова е еден таков период.

Во „1984″, телескринот не можеш да го исклучиш.

Тоа е сè. Тоа е целиот хорор на Орвеловиот свет, не казните, не Министерството на Љубовта, не Голем Брат сам по себе. Туку тоа: уредот во аголот на собата кој те гледа и кога не сакаш да бидеш гледан. Принудата е вградена во архитектурата на домот. Нема избор, нема можност за периоди на приватност и интима, под будното око на диктаторот се одвива целиот живот на поданиците.

Денес најголемиот дел од надзорот не е наметнат со сила. Ние доброволно учествуваме во него. Телескринот го носиме в џеб и го викаме смартфон.

Го купивме сами, за стотици евра, го ставаме до кревет и му даваме пристап до микрофонот, камерата, локацијата, контактите и навиките. За возврат добиваме бесконечен дотур на содржини прилагодени точно на нас. На нашиот страв, на нашата досада и желба да бидеме поинакви од она што навистина сме. На нашата потреба да бидеме видени, слушнати, потврдени.

Тоа не е Орвел. Тоа е нешто за кое Орвел би немал зборови.

Денес нема еден Голем Брат. Има неколку. Се викаат различно: Meta, Google, Amazon, Apple, ByteDance, WeChat, Telegram, но сите делат иста логика: твоето внимание е суровина. Твоето однесување е производ. Твоите стравови, желби и навики се податоци кои се продаваат, засилуваат и враќаат кон тебе во форма на реклама, содржина, препорака, политичка содржина. Сето засилено, исполаризирано и често сосема неповрзано со реалноста.

Никој не ни нареди да влеземе. Си влеговме сами, со ентузијазам и возбуда. Со фотографии од ручек и селфиња од плажа.

Кај Орвел, Партијата лаже свесно и организирано. Постои некој кој одлучува. Постои намера. Постои субјект. Кај алгоритамот нема таква инстанца. Системот не лаже, туку оптимизира. За ангажман, не за вистина. Ако реагираш на бес, добиваш бес. Ако реагираш на страв, добиваш страв. Ако реагираш на понижување – добиваш понижување, прецизно дозирано, во бесконечен круг наменет за засилување на ставовите и предрасудите, а не за нивна проверка.

Нема кого да обвиниш. Нема Голем Брат, има огледало кое ти покажува посилна и погрда верзија на она во кое веќе сакаш да веруваш.

Ова е времето во кое Орвел е навистина актуелен не како буквална паралела, туку како предупредување за нешто драстично пострашно од она што го пишувал.

Во „1984″ постои заедничка реалност, дури и кога е лажна. Сите ја делат истата лага. Денес немаме ни тоа. Секој живее во свој информациски меур, хранет со сопствените предрасуди, засилен со алгоритам кој нема морал, само броење кликови.

Кога секој има своја верзија на фактите, станува невозможно да се договориш дури и за најосновните работи. Не зашто луѓето се глупави. Туку зашто системот е свесно проектиран да ги задржи поделени.

Поделените луѓе кликаат повеќе.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс