Стиви Вондер најави нова турнеја низ Европа и САД

Музичката легенда се враќа на големите сцени со специјална концертна серија во чест на педесетгодишнината од албумот „Songs in the Key of Life“.
Фото: Flickr/Thomas Hawk

Стиви Вондер најави нова турнеја низ Европа и САД со која наесен ќе ја одбележи педесетгодишнината од издавањето на својот легендарен осумнаесетти студиски албум „Songs in the Key of Life“. Како што објави магазинот „Фар аут“, музичката икона ќе одржи серија концерти во најголемите европски арени, по што патувањето ќе продолжи преку океанот со настапи во Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Детроит и Лос Анџелес.

Концертната серија официјално стартува на 13 октомври со настап во арената „Утилита“ во Бирмингем. Вондер потоа веднаш се сели на континенталниот дел од Европа, каде што на 15 октомври ќе пее во арената „Акор“ во Париз.

Распоредот предвидува густа агенда низ северот и центарот на Европа. На 18 октомври следува концерт во Копенхаген, а два дена подоцна музичарот пристигнува во Осло. Потоа листата ги бележи Стокхолм на 22 октомври, Хановер на 24 октомври, Келн на 26 октомври и Амстердам на 28 октомври.

Европскиот блок завршува со враќање на островите: најпрво во Даблин на 1 ноември, па во лондонската „О2 арена“ на 3 ноември, во Манчестер на 8 ноември и конечно во Глазгов на 11 ноември.

По кратка пауза за прекуокеански лет, американскиот сегмент почнува на 19 ноември со концерт во култната сала „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.

Американската публика ќе може да го види Вондер и во Чикаго на 21 ноември, како и во Вашингтон на 23 ноември.

За почетокот на декември се закажани два последователни настапи во Детроит, во театарот „Фокс“ на 8 и 9 декември. Целата турнеја финишира на 19 декември во новата сала „Интуит доум“ во Инглвуд, Лос Анџелес.

Поводот за овие настапи е директно врзан со албумот што трајно го смени звукот на соул и поп музиката. Двојниот албум „Songs in the Key of Life“, објавен во 1976 година, донесе антологиски нумери како што се „Isn’t She Lovely“, „Sir Duke“ и „I Wish“.

Ова издание освои четири награди Греми, меѓу кои и признанието за албум на годината, поставувајќи стандарди во продукцијата и композицијата што инспирираат музичари веќе пет децении.

Вондер последен пат настапи во Велика Британија во летото 2025 година, кога беше главна ѕвезда на фестивалот во лондонскиот Хајд парк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс