Вечерва „Центарска Симфонија“ на Плочник: Филмски мелодии под отворено небо

Концертната манифестација ќе почне во 19:30 часот на Плочник – Градски Ѕид, со македонски шлагери и светски филмски класици во симфониско издание

Концертната манифестација „Центарска Симфонија“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 19:30 часот, на Плочник – Градски Ѕид во центарот на Скопје.

Настанот е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, со цел да се збогати културниот живот и квалитетната музичка уметност да се доближи до пошироката јавност.

Публиката ќе има можност да слушне македонски шлагери инспирирани од домашната кинематографија од седумдесеттите години до денес, како и безвременски мелодии од светските филмски класици.

Музиката ќе биде претставена во современо симфониско издание.

„Ќе имате можност да уживате во македонски шлагери инспирирани од домашната кинематографија од седумдесеттите години до денес, како и во безвременски мелодии од светските филмски класици, претставени во моќно и современо симфониско издание“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

На концертот ќе настапат Сонора Колектив оркестар, Магдалена Муратовска на виолина, Горан Муратовски како диригент, како и вокалните солисти Иван Наумовски и Елена Васова.

Герасимовски посочи дека „Центарска Симфонија“ веќе станува традиција, откако првото издание минатата година привлекло голем интерес.

„Ваквите настани му се потребни на Скопје. Во летните денови тие го раздвижуваат градот и ги сплотуваат граѓаните. Се надевам дека и годинава ќе го имаме истото силно и емотивно доживување“, нагласи Герасимовски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс