Според невладината организација „Сурвајвал интернешнл“ (Survival International), членовите на народот Ава пристигнале во село на домородната територија Арарибоја во североисточната сојузна држава Марањао, каде што живее етничката група Гуаџахара. Локалните лидери на заедницата соопштија дека селаните им понудиле храна на припадниците на племето.
Тие побараа храна и ја однесоа назад во својата шума, соопшти „Сурвајвал интернешнл“.
Организацијата објасни дека народот Ава вообичаено опстојува од лов и собирање плодови, но се соочува со сè почести упади од нелегални дрвосечачи, ловци и сточари. Видеото од средбата, снимено од селаните Гуаџахара и објавено од „Сурвајвал интернешнл“, прикажува група мажи, жени и деца на работ на шумата, делумно скриени од вегетацијата, со ѓердани, додека мажите носат лакови и долги стрели.
Физичката состојба на некои членови, особено на децата и постарите лица, предизвика загриженост кај селаните, кои забележаа знаци на исцрпеност, предупреди Коапима (Coapima), организација што ги претставува домородните групи во Марањао.
Од Коапима ги истакнаа ризиците што непланираниот контакт ги носи за ваквите групи, наведувајќи дека тие се особено изложени на болести против кои имаат мал или никаков имунитет. Јавната агенција за домородни прашања, Фунаи (Funai), во изјава за АФП соопшти дека нејзините технички тимови внимателно ја следат ситуацијата и ги анализираат достапните информации за здравјето на групата.
Директорката на „Сурвајвал интернешнл“, Керолајн Пирс, изјави дека одлуката на групата да излезе од изолација е загрижувачки показател за тоа како континуираната инвазија врз шумите ги доведува во реална опасност домородните народи кои инаку се самоодржливи. Таа додаде дека народот Ава е потиснат на сè помал остров во амазонската прашума, опкружен со уништување.
Според податоците на оваа невладина организација, околу 196 неконтактирани народи и групи кои избираат да живеат во изолација се идентификувани во 10 земји. Повеќе од 90 проценти од ваквите групи живеат во амазонската прашума, првенствено во Бразил, додека останатите се наоѓаат во Индонезија и Индија.
„Чуварите на шумата“, група од народот Гуаџахара која со години се бори против нелегалните упади, во изјавата предупреди дека климатските промени, пожарите, сечењето на шумите и узурпацијата на земјиштето влијаат врз начинот на живот на племето Ава. Според „Сурвајвал интернешнл“, многумина од овие чувари ги загубиле животите обидувајќи се да ја заштитат територијата што ја делат со народот Ава.
