Отворањето на Светското првенство во 2026 година во Мексико Сити донесе спектакл, музика и големи ѕвезди, но најмногу реакции на интернет предизвика настапот на Шакира.
Колумбиската пејачка ја изведе официјалната химна на турнирот, „Dai Dai“, но само неколку часа по церемонијата на социјалните мрежи почнаа да се шират теории дека на теренот не настапила вистинската Шакира, туку нејзина двојничка.
Фановите на X и TikTok почнаа да анализираат снимки од настапот, тврдејќи дека пејачката изгледала поинаку од вообичаено. Дел од корисниците посочија на нејзиното движење, бојата на косата и фактот дека голем дел од лицето ѝ било покриено со големи темни очила.
„Тоа не е Шакира. Погледнете како го греши чекорот кога пее ‘Dai Dai’. Тоа е двојничка“, напиша еден корисник на социјалните мрежи, по што теоријата брзо се прошири.
Шакира настапи во жолт сценски костим, бели шорцеви, патики со платформа и големи темни очила. Токму тој изглед, заедно со различната нијанса на косата, беше доволен дел од фановите да почнат да се сомневаат дали навистина станува збор за неа.
Сепак, според анализата на „Еуроњуз“, постои еден детал што оди во прилог на тоа дека на сцената била вистинската Шакира. Пејачката има мала лузна на челото, видлива на повеќе фотографии направени во изминатите години.
Истата ознака може да се забележи и на фотографиите од отворањето на Светското првенство, што ја прави теоријата за двојничка многу помалку веројатна.
Тимот на Шакира засега не се огласил за шпекулациите, но интернетот веќе ја претвори целата ситуација во една од првите големи „мистерии“ на Мундијалот.
Иако секогаш постои простор за теории на социјалните мрежи, доказите засега повеќе водат кон едноставно објаснување: на отворањето на Светското првенство настапила Шакира.
Или, како што би рекле нејзините фанови, колковите не лажат.