Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска испиша историја откако доби две номинации за 78. награди „Еми“, едно од најпрестижните признанија во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонско филмско дело да биде номинирано за наградите „Еми“, што претставува значаен успех не само за македонската кинематографија, туку и за целиот регион.
Филмот е номиниран во две категории: „Exceptional Merit in Documentary Filmmaking“ – категорија што ги препознава документарните дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност и „Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program“ – признание за визуелниот квалитет и кинематографијата на Жан Дакар.
Македонската приказна стигнува до светската сцена
Со овие номинации, „Приказната за Силјан“ продолжува да го афирмира македонскиот документарен филм на најголемите светски сцени – од фестивалските подиуми до најзначајните телевизиски награди.
Свеченото доделување на 78. награди „Еми“ ќе се одржи на 14 септември во „Peacock Theater“ во Лос Анџелес, додека креативните категории ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.
Уште едно светско признание за „Силјан“
Претходно, во јануари годинава, документарецот ја освои наградата на публиката (Audience Choice Prize) на Cinema Eye Honors – едно од највлијателните признанија во светот на документаристиката. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонските приказни можат да имаат глобален одек.
Минатата година филмот беше квалификуван во две категории за престижната награда Оскар, но не успеа да влезе во потесниот избор за номинација. Во септември 2025 година, документарецот беше откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни филмови.
Со бројните награди и номинации на меѓународни фестивали, „Приказната за Силјан“ продолжува да го позиционира македонскиот документарен филм меѓу најзабележителните светски остварувања.