По неколкумесечни подготовки, на 9 јуни 2026 година со почеток во 19 часот во Центарот за култура „Ѓорче Петров“ ќе биде изведена премиерата на театарската претстава „Физика на радоста“ на Театар Пи. Претставата го преиспитува човекот како суштество составено од туѓи сеќавања, недоизговорени приказни, тишини, стравови и нежности – елементи што секој од нас ги носи низ животот како свој личен лавиринт.
Проектот е директно инспириран од книжевниот универзум на романот „Физика на тагата“ на бугарскиот писател Георги Господинов и ја развива идејата дека секој човек во себе носи едно дете, едно чудовиште и една напуштена соба која долго време останала затворена.
Во овој визуелно-театарски концепт, митскиот Минотаур не е прикажан како чудовиште, туку како симбол на невидливото, отфрленото и несфатеното во општеството. Лавиринтот, пак, не е само физички простор, туку внатрешна состојба на човекот и неговите лични борби.
Особена вредност на проектот е неговата инклузивност. Креативниот процес и сценските дела се создадени од лица со типичен и атипичен развој од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ – Скопје, заедно со членовите на Театар Пи. Претставата претставува простор изграден врз доверба, различност, прифаќање и емпатија.
Автор на текстот е Златко Митрески, кој заедно со Македонка Митреска Илиевска ја потпишува и режијата. Музиката е дело на бендот Алембик и Дино Рамо, а за костимите и шминката е задолжена Сандра Миовска.
„Кога тагата конечно ќе се измери, на другата страна од кантарот останува радоста. Повелете да ја измерите со свои очи“, порачуваат организаторите, повикувајќи ја скопската публика да стане дел од ова несекојдневно театарско искуство. Проектот е финансиран од Бугарска развојна помош. Билетите за претставата се достапни преку платформата Tix.mk.