Американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА) денеска привремено го запре сообраќајот на три прометни аеродроми на североистокот на Соединетите Американски Држави поради дефект на радиоопремата. Стопирањето ги погоди аеродромите Њуарк Либерти, Филаделфија и Тетерборо. Прекинот се совпадна со официјален владин извештај кој предупредува дека националните системи за водење на леталата се сериозно ранливи на надворешни сајбер-напади и попречување на сигналите.
Авиосообраќајот беше прекинат претпладнево околу 10 часот по локално време, потврдија од ФАА. Причината беше губење на одредени радиофреквенции во радарската контрола на летање во Филаделфија (Тракон).
Проблемот предизвика верижни доцнења во слетувањата и полетувањата, а најтешко беше погоден аеродромот Њуарк. Сообраќајот постепено почна да се нормализира во раните попладневни часови, но воздухопловните власти сè уште не соопштија што точно го предизвикало техничкиот колапс на комуникациската опрема.
Инцидентот се случи на истиот ден кога Канцеларијата за владина отчетност на САД (ГАО) објави извештај за безбедносните пропусти во воздухопловниот систем. Според наодите на конгресното надзорно тело, ФАА сè уште нема завршено целосна проценка на ризиците, ниту ги има ажурирано безбедносните протоколи за заштита од лажирање на сигналите (spoofing) и електронско попречување.
Истражителите на ГАО посочуваат дека федералната агенција воопшто нема систем за откривање на ваквите закани во реално време, што значи дека инцидентите се истражуваат дури откако штетата веќе ќе се случи. Посебен ризик претставуваат двата застарени системи за испраќање текстуални пораки до авионите. Тие немаат основна безбедносна заштита ниту енкрипција, што им овозможува на хакери потенцијално да испраќаат лажни наредби за укинување на дозволите за лет и да предизвикаат колапс во воздушниот простор.