Компаниите што вложуваат во луѓе, природа и заедница ги добија наградите за одржлив развој

Компании од банкарскиот, телекомуникацискиот, енергетскиот, фармацевтскиот и производствениот сектор беа наградени за климатска акција, партнерства, човекови права, вработени, образование и родово одговорни политики.
Фото: Томислав Георгиев.

Во Клубот на пратеници во Скопје се одржа Бизнис форумот за одржливост, на кој беа доделени наградите „Предводници на одржливиот развој“ за компании и поединци што со своето работење придонесуваат за поодговорно, поодржливо и поправедно општество.

Наградите ги додели Клубот на одговорни бизниси на Здружението Конект, во партнерство со Министерството за економија и труд. Настанот обедини повеќе од 100 претставници од бизнис секторот, институциите и граѓанските организации, кои разговараа за одржливоста, ESG стандардите и улогата на компаниите во справувањето со развојните предизвици.

Наградата за климатска акција и зачувување на природата ја доби „Халкбанк АД Скопје“, додека „Македонски Телеком“ и „Фондација Телеком за Македонија“ беа наградени во категоријата „Партнерства за одржлив развој“. „ЕВН Македонија“ ја доби наградата „Бизнис и човекови права“, а „Комерцијална банка АД Скопје“ беше одликувана со наградата „Добри соседи“.

Наградата за благосостојба на вработените ѝ беше доделена на „НЛБ Банка АД Скопје“, додека „Макпрогрес ДОО“ беше наградена за придонес кон квалитетното образование и искоренување на сиромаштијата.

Во категориите поврзани со родово одговорни семејни политики, „Фармахем“ ја доби наградата за мали и средни претпријатија, а „Алкалоид АД Скопје“ за големи претпријатија. „Реплек АД Скопје“ доби признание за посветеност на родово одговорни семејни политики, додека „Комфи Ангел“ беше одликувана со признание за посветеност на вакви политики во текстилната индустрија.

Признание за мала компанија што покажува лидерство во промовирање одржлив развој доби „Пакомак“.

Повелбата „Горан Лазаревски“ за заслуги во одржливиот развој ѝ беше доделена на Марјонка Велјановска, извршна директорка на „Фармахем“. Наградата „Лидерство за одржлив развој“ му беше доделена на Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“.

Државниот секретар во Министерството за економија и труд, Јумни Адеми, порача дека одржливите практики, инвестициите во вработените, грижата за животната средина и одговорното корпоративно управување повеќе не се избор, туку неопходност за долгорочен успех и конкурентност.

Тој посочи дека преку Националната стратегија за МСП 2025-2030 и реформите во рамки на Планот за раст на ЕУ се создаваат услови за зелена и дигитална трансформација, поголема продуктивност и нови можности за развој на бизнисите.

Извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова, истакна дека одржливиот развој не е изолирана активност, туку интегриран пристап што ги поврзува економските, социјалните и еколошките аспекти на работењето.

„Компаниите имаат клучна улога, како работодавачи и двигатели на економијата, и преку нивните одговорни практики директно придонесуваат за подобро општество“, порача Кусиникова.

Наградите традиционално ги доделува Конект во партнерство со Министерството за економија и труд, а годинава со поддршка на програмата „Проширување на изборот“, што ја спроведуваат Фондот за население на Обединетите нации и Конект, финансиски поддржана од Австриската агенција за развој. Со оваа поддршка за првпат беше воведена и награда за родово одговорни семејни политики.

Клубот на одговорни бизниси на Конект е платформа што ги поврзува компаниите, граѓанскиот сектор и институциите во заедничко креирање практични решенија за општествените предизвици. Клубот е поддржан од 36 извршни директорки и директори на компании кои ја препознаваат одржливоста како составен дел од современиот бизнис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс