„Празното столче“ во Тетово ја отвори дебатата за жените во политиката

Панел-дискусијата „Празното столче: Жените во политиката“, организирана во рамките на националниот караван „Носи ја промената“, ја стави во фокус недоволната застапеност на жените во политичкото одлучување. Учесниците порачаа дека законските квоти не се доволни доколку не се обезбеди вистинско учество на жените во процесите на носење одлуки.

Во рамките на националниот караван „Носи ја промената“ (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Европската Унија (Team Europe) и мрежата на Јуроп хаус, во Јуроп хаус Тетово се одржа панел-дискусијата „Празното столче: Жените во политиката“, посветена на родовата еднаквост и учеството на жените во политичкиот живот.

Настанот отвори дебата за недоволната застапеност на жените на највисоките позиции на политичко одлучување, како и за јазот меѓу законските решенија и нивната практична примена. Иако законската регулатива предвидува најмалку 40 проценти жени на изборните листи, актуелната Влада има само три министерки, а само четири од вкупно 81 општина во државата се раководени од градоначалнички.

На панел-дискусијата, модерирана од извршната директорка на „Тииит! Инк.“, Андреа Угриноска, учествуваа пратеничката Моника Зајкова, амбасадорката на Холандија, Н.Е. Озлем Џанел, и амбасадорката на Германија, Н.Е. Петра Дрекслер. Тие зборуваа за личните и професионалните искуства, предизвиците со кои се соочуваат жените во политиката, како и за европските практики што придонесуваат за поголемо женско учество во јавниот и политичкиот живот.

Во текот на дискусијата беше истакнато дека квотите претставуваат важен чекор, но не се доволни доколку жените немаат еднаков пристап до раководни функции и до процесите на донесување одлуки. Панелистките нагласија дека покрај институционалната поддршка, големо значење имаат семејството, менторите и сојузниците, но и охрабрувањето жените да веруваат во сопствените способности и лидерски потенцијал.

Настанот предизвика голем интерес кај јавноста, а во интерактивната дебата активно се вклучија студенти, млади луѓе и граѓански активисти. Заедничката порака беше дека „празното столче“ не е последица на недостиг од способни и квалификувани жени, туку резултат на системски и општествени бариери кои сè уште го ограничуваат нивното рамноправно учество во политичките процеси.

Караванот „Носи ја промената“ продолжува да патува низ повеќе градови во државата, отворајќи јавни разговори за родовата еднаквост, граѓанското учество и потребата од еднаква застапеност на жените во процесите на одлучување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс