Пожарот во Радовиш ставен под контрола: неколку пожарникари вдишале чад и се здобиле со полесни повреди

Пожарот во поранешната фабрика „Декор Текс“ во Радовиш е ставен под контрола. Во интервенцијата учествуваа повеќе противпожарни екипи, а неколку пожарникари вдишале чад и се здобиле со полесни повреди.

Пожарот што избувна во објект на поранешната фабрика „Декор Текс“ во Радовиш е ставен под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи. Според последните информации, огнот повеќе не се шири, но противпожарните екипи и понатаму остануваат на терен сè до негово целосно локализирање.

„Неофицијално дознаваме дека пожарот е ставен под контрола, но сè уште на терен се сите противпожарни возила. Се очекува целосно да биде локализиран“, соопштија од ЦУК.

Во гаснењето учествувале сите екипи од Територијалната противпожарна единица Радовиш, а како помош пристигнале и пожарникари од Струмица, како и членови на Доброволното противпожарно друштво од Конче. Претходно беше објавено дека огнот зафатил магацински простор во рамки на поранешната текстилна фабрика, каде имало производствени погони, машини и поголеми количини запалив материјал.

„За неполни три минути од пријавата за пожар нашата екипа излезе на терен. Веднаш беа мобилизирани сите пожарникари“, соопштија од противпожарната единица во Радовиш.

Според последните информации, неколку пожарникари вдишале чад и се здобиле со полесни повреди, поради што им била укажана медицинска помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс